4 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар против Барселона за прво финале во ЛШ

Вардар против Барселона за прво финале во ЛШ

Ракометарите на Вардар, вечерва од 18 часот, ќе го одиграат полуфиналниот натпревар на завршниот турнир во Лигата на шампионите, чии домаќин е Келн. Противник на Вардар е Барселона екипа чии дрес го носат македонските репрезентативци Кире Лазаров и Борко Ристовски. Во првото полуфинале од 15 часот ќе се сретнат ПСЖ и Веспрем.

Вардар со самиот пласман на завршниот турнир го оствари најголемиот успех во историјата на клубот, но и во историјата на машкиот ракомет во Македонија, но „црвено-црните“, немаат намера тука да застанат.

Вардар со реална доза на оптимизам ќе влезе во пресметката со Барселона, најтрофејниот европски клуб и единствениот во ова конкуренција кој има титула во Лигата на шампионите (вкупно осум).

„Барселона е одлична екипа, имаат одлични играчи и одличен тренер. Многу пати играле Ф4 и освојувале титули. Ние имавме доволно време да се подготвиме. Треба да бидеме спремни на се, имаат добра одбрана и можат да комбинираат. Ќе видиме како ќе се одвива натпреварот. Првите 15 минути треба да бидеме внимателни, можеби ќе нѐ изненадат со нешто ново. Атмосферата е одлична, работевме цела сезона напорно и сега треба да уживаме. Треба да се фокусираме на дуелот со Барса, за нас најважен, сакаме да играме финале, знаеме дека ќе биде тешко. Вардар и Барселона имаат одлични голмани, но не треба да се очекува дека тие ќе бранат сѐ, треба и пред нив да се има добра одбрана. Борко и Кире се одлични играчи и ќе биде многу тешко да се игра против нив, но ние сакаме Вардар да победи“, вели тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

„Тие се поискусни од нас, ние имаме дебитанти во тимот, но и оние што играле досега тука. На нив останува да нѐ понесат и да ни дадат совети. Можам да ветам борба, тоа ни останува. Да покажеме образ и дека заслужуваме да бидеме тука, и ова ќе биде континуитет за нас во иднина“, изјави пред натпреварот капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП