1 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВориорс убедливо славеа над Спарс (видео)

Вориорс убедливо славеа над Спарс (видео)

Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс со убедлив триумф 136:100 поведоа со 2-0 во финалето на Западната конференција во НБА лигата, против Сан Антонио Спарс.

Вориорси, за разлика од првиот меч во неделата, кога надоместија негатива од 25 поени, во вториот доминираа од почетокот, максимално користејќи го неиграњето на најдобриот играч на Спарси Каваи Ленард и Тони Паркер кој пред десет дена ја заврши сезоната.

Ленард, во 27.минута од првиот меч ја обнови повредата на скочниот зглоб на левата нога, поради што го пропушти вториот меч, а од клубот не соопштија дали тој ќе биде подготвен за третиот натпревар, прв од серијата кој ќе се игра во Сан Антонио.

Вориорс со разновиден напад го скршија противникот во првиот дел. Во првото полувреме домашните кошаркари запишаа 23 асистенции и го израмнија плејоф рекордот на Хјустон од сезоната 1996/1997.

Стеф Кари го предводеше Голден Стејт со 29 поени (6-9 за три), по седум скокови и асистенции и три украдени топки. Кари по овој меч на вечната листа на најдобрите шутери за три поени во плеј офот, на шестото место го мина поранешниот ас на ЛА Лејкерс, Дерик Фишер.

Покрај Кари уште петмина играчи на Голден Стејт постигнаа двоцифрен број на поени: Патрик Мекоу (18), Кевин Дурент (16), Дрејмон Грин (13 поени, 9 скокови, 6 асистенции), Шон Ливингстон (11) и Ијан Кларк (10).

Најдобар кај Сан Антонио беше Џонатан Симонс со 22 поени (личен рекорд во плејофот), додека Летонецот Давис Бертанс за 13 минути постигна 17 поени без промашување.

Третиот меч од финалната серија на Западот ќе се игра во ноќта помеѓу сабота и недела од 3 часот по средноевропско време.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП