3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЈувентус прв финалист во Лигата на шампионите

Јувентус прв финалист во Лигата на шампионите

Фудбалерите на Јувентус се пласираа во финалето, во Лигата на шампионите, откако во двомечот го елиминираа Монако. Победата од 2:0 на првиот меч, Јувентус ја потврди со триумфот 2:1 на домашен терен.

Јувентус на 3.мај во Кардиф, ќе го игра своето деветто финале во Лигата на шампионите и ќе се обиде да ја освои третата титула. Противник во завршниот натпревар на италијанскиот првак ќе му биде тим од Мадрид, а поблиску до финалето е Реал кој по првиот меч има предност 3:0 во однос на Атлетико.

Италијанскиот шампион одигра уште еден импресивен натпревар, исклучок се првите десет минути во кои Монако се обиде да го наметне својот ритам. Лошата игра во завршницата од нападите и голманот Субашиќ придонесоа Монако да не доживее вистински дебакл на „Јувентус арена“.

Јувентус голот на Монако го напаѓаше од сите позиции, а Субашиќ го спасуваше својот тим по обидите на Дибала, Манџукиќ, Игуаин, Дани Алвеш и Квадрадо.

Субашиќ два пати капитулираше во последните 12 минути од првото полувреме. По серијата нереализирани напади, Дани Алвеш во 33.минута испрати идеална топка за Манџукиќ, неговиот прв удар го одбрани Субашиќ, но во вториот напаѓачот на Јувентус го совлада својот сонародник.

На истекот на првиот дел, Субашиќ боксуваше една топка, дефанзивците на Монако беа статични, а на одбиената топка налета Дани Алвеш и ја смести зад грбот на хрватскиот голман.

Монако и покрај елиминацијата не се предаде и во вториот дел успеа да го постигне почесниот гол. Мбапе постигна гол и ја прекина низата на Буфон, кој претходно не беше совладан 520 минути.

Јувентус го прими првиот гол во нокаут фазата оваа сезона, а Мбапе стана најмладиот стрелец во едно полуфинале во ЛШ (18 години и 140 дена).

„Старата дама“ со оваа победа над Монако ја продолжи импресивната серија на домашен терен во сите натпреварувања. Јувентус последен пат загубил како домаќин во август 2015 година од Удинезе.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП