2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВо директен дуел со Исланд ракометарите ќе одлучат за патникот на ЕП

Во директен дуел со Исланд ракометарите ќе одлучат за патникот на ЕП

Ракометните репрезентативци на Македонија, предводени од новиот селектор Раул Гонзалес, се подготвуваат за квалификацискиот двомеч со Исланд. Во пресрет на првиот меч, кој ќе се игра во Скопје, сите четири селекции во квалификациската Група 4 за пласман на ЕP во Хрватска имаат победа и пораз.

Стариот познаник и должник Исланд е наредниот противник на македонските ракометари во квалификациската трка за пласман на континенталниот шампионат, кој наредната година ќе се одржи во Хрватска.

Ракометот има статус на национален спорт во Исланд, спорт која на оваа мала островска држава ѝ донел два медала од големите натпреварувања (сребро од Олимписките игри во 2008 и бронза од Европското првенство во 2010).

Македонија и Исланд последен пат играа во јануари годинава, на Светското првенство во Франција, натпреварот заврши 27:27, двете репрезентации минаа во осминафиналето, каде потоа загубија од Норвешка (Македонија), односно Франција (Исланд).

Од поблиското минато, свежи се поразите на „црвени-жолтите“ на Мундијалот во Шпанија во 2013 (19:23) и на Европското првенство во 2014 година (27:29).

Колку и традицијата на меѓусебните дуели да е на страната на Исланд, ракометните фанови во земјава се сеќаваат на бараж двомечот, кога Македонија преку Исланд обезбеди пласман на Светското првенство во Хрватска.

Од тој двомеч, Македонија стана редовен учесник на големите натпреварувања (светски и европски првенства).

Исланд е тим составен од играчи кои во најголем дел играат во Германија, играчи кои поседуваат огромно искуство, но многу нешта во играта зависат од Арон Палмарсон, играчот на Веспрем, кој поради повреда не играше на Мундијалот во Франција.

„Игра одлично во последно време и стравувам од него. Кога тој игра добро, тогаш целиот тим е многу поопасен“, рече на првиот собир македонскиот селектор Раул Гонзалес.

Шпанецот пред еден месец беше назначен за селектор на Македонија, откако Лино Червар се врати во Хрватска. Мечот со Исланд ќе биде деби за него на клупата на Македонија. Раул Гонзалес за двомечот се определи за проверени ракометари и го врати во репрезентацијата голманот Борко Ристовски, кој не играше на Светското првенство.

„Ова е многу важен натпревар. Ние треба да направиме сè за да победиме во Скопје. Со победа ќе направиме чекор напред кон ЕП во Хрватска“, дополни Шпанецот.

Во пресрет на двомечот Македонија има победа и пораз, исто како и Исланд. „Црвено-жолтите“ ја победија Украина 27:21, а загубија во Чешка 28:35. Исланд ја победи Чешка 25:24, а загуби во Украина 27:25.

Натпреварот во Скопје ќе се одигра на 4 мај, во 19 часот, а реваншот е во Рејкјавик на 7 мај, од 19:45 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП