15 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардарци подготвени за Фленсбург

Вардарци подготвени за Фленсбург

Нешто повеќе од 48 часа остануваат до почетокот на четвртфиналниот реванш во Лигата на шампионите помеѓу ракометарите на Вардар и Фленсбург.

Првиот меч, одигран во саботата, Вардар го доби со 26:24, со што направи голем чекор кон пласман на завршниот турнир во Келн. По тој повод, во вторникот, Вардар одржа прес-конференција на која тренерот Раул Гонзалес истакна дека пред неговите ракометари е второто полувреме од пресметката, во кое ќе влезат како резултатот да е 0:0.

Вардар го делат уште 60 минути од остварувањето на целта потцртана пред четири години, пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Токму пред четири години „црвено-црните“ беа најблиску до пласман меѓу елитната четворка на европскиот ракомет, но тогаш пред Вардар се исправи токму Фленсбург, успевајќи со поголем број постигнати голови на гостински терен да се избори за пласман на завршниот турнир, а подоцна и да ја освои титулата.

„Ова е второ полувреме од овој четвртфинален дуел. Треба да заборавиме дека имаме два гола предност од првиот меч. Таму одигравме многу добар натпревар, но не треба да заборавиме дека Фленсбург е одличен тим и сигурно е дека нема да се предадат без борба. Беа добри во второто полувреме на првиот натпревар. Предноста е на наша страна, но сега и притисокот кај нас е поголем. Сепак, јас имам доверба во моите играчи, верувам дека ќе одиграме уште еден добар натпревар. Желбата е да играме во Келн“, рече шпанскиот стратег на кормилото на Вардар.

Шпанецот очекува дека Фленсбург ќе промени нешто во својата игра, дека нема да игра како што одигра во својата „Фленс арена“. Предупредува дека германскиот тим и нивниот тренер Љубомир Врањеш ќе се обидат да го наметнат својот брз и агресивен стил на игра.

„Лошо ќе биде доколку помислиме дека два гола е добра предност. Треба да влеземе како да е 0:0. Првиот меч го одигравме добро и во одбраната и во нападот. Голманите беа одлични, но сега можеби нема да имаат свој ден и да биде тоа натпревар со многу голови. Фленсбург е искусен тим, кој игра брз и агресивен ракомет. Ние цела сезона се подготвуваме токму за овој меч“, дополни Вардаровиот тренер.

Реваншот Вардар-Фленсбург ќе се одигра в четврток, од 19 часот, во СЦ „Јане Сандански“. Од клубот информираат дека билетите се распродадени и дека пред арената ќе биде поставен видеобим на кој ќе може да се следи натпреварот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП