23 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМеси и донесе на Барса три важни бода (видео)

Меси и донесе на Барса три важни бода (видео)

Фудбалерите на Барселона го совладаа Реал 3:2 (1:1) во 173-от првенствен дуел, одигран во рамките на 33.коло и се вратија во борбата за шампионската титула. „Ел Калсико“ го реши Лионел Меси во 92.минута, со својот 500-ти гол во дресот на Барселона.

Реал и Барселона го одиграа едно од најдобрите „Ел Калсика“ во последните неколку сезони, приредија уживање на милионскиот аудиториум, а покрај Меси, блескаа голманите на двата тима, Кејлор Навас (Реал) имаше седум, а Марк Андре Тер-Штеген (Барселона) неверојатни 11 одбрани.

Почетокот на натпреварот му припадна на Реал, кој притисна со сите сили кон голот на противникот. Барселона тешко се снаоѓаше со високиот пресинг на противникот, неможејќи да ја изнесе топката од својата половина.

На почетокот на втората минута Кристијано Роналдо падна во шеснаесетникот по стартот на Умтити, но судијата Хернадез не се огласи. Португалецот четири минути подоцна упати опасен удар, но Тер-Штеген одбрани.

Првиот обид Барселона го имаше во 11-та минута, но ударот на Луис Суарез заврши над голот на Кејлор Навас. Нов обид имаше Кристијано Роналдо во 18-та минута, но Германецот на голот на Барселона повторно одбрани. Четири минути подоцна Бејл се обиде „од прва“ да го изненади Тер-Штеген.

Во 28-та минута по првиот корнер на натпреварот, топката дојде до Марсело, неговиот центаршут го испрати Серхио Рамос кој го погоди дирекот, но топката се одби до Каземиро кој ја врати во голот за 1:0.

Предноста на „кралскиот клуб“ траеше само пет минути, кога Ракитиќ испрати одлична топка до Меси, следуваше минијатура на Аргентинецот покрај Модриќ и Карвахал и рутинска реализиција за 1:1. Овој гол беше 499-ти за Меси во дресот на Барселона и воедно прв гол против Реал уште од 23.март 2014 година.

Во финишот на полувремето Реал остана без Герет Бејл, кој ја обнови повредата на бутниот мускул, поради која го пропушти четвртфиналниот реванш против Баерн.

Последната закана во првиот дел ја имаше Меси, но неговиот удар го изблокира Касемиро.

Слично како и во првото и второто полувреме Реал го започна со силен притисок кон голот на противникот. Најпрвин Пике во 48-та минута во последен момент успеа да реагира покрај Роналдо, а потоа две брилијантни интервенции на Тер-Штеген, најпрвин по ударот на репрезентативниот колега Крос, а потоа и по ударот на Бензема од пет метри.

На спортивната страна со две исклучителни интервенции се истакна Кејлор Навас, најпрвин го одбрани ударот на Пако Алкасер во ситуација „еден на еден“, а потоа од аголот го извади ударот на Пике со глава.

Нова шанса за Реал во 67-та минута, акцијата на Асенсио ја испрати Кристијано Роналдо но ударот заврши над голот, а на спортивната страна Навас го спречи Луис Суарез да постигне гол.

Барселона го презеде водството на „Сантијаго Бернабеу“ во 73-та минута, кога Ракитиќ со лева испрати вистински проектил од 18 метри за 1:2.

Четири минути по водечкиот гол на Ракитиќ, Реал влезе во нови проблеми, Серхио Рамос со груб старт го спречи Меси да истрча во контранапад и судијата Хернандез му покажа директен црвен картон.

Пике во 80-та минута ја имаше шансата на натпреварот, беше во „мртва шанса“, но Кејлор Навас одбрани и го остави Реал во игра.

Во моментите кога Реал беше во амбисот, Зидан во игра го внесе Хамес Родригез, а Колумбиецот само две минути по влегувањето во игра, по асистенцијата на Марсело успеа да израмни на 2:2.

Потоа во самиот финиш Реал се обиде да стигне и до трите бода, со играч помалку, виско го напаѓаа противникот и тоа им се одмазди.

Серхио Роберто влечеше една топка 50-тина метри, додаде до Андре Гомеш овој до Алба, кој одигра повратна за Меси, а Аргентинецот со својот 500-ти гол во дресот на Барселона донесе голема победа за „блауграна“ и ја врати неизвесноста во шампионската трка.

Барселона и Реал по 33.кола се израмнети на врвот со по 75 бода, но „кралскиот клуб“ има натпревар помалку. Во случај сезоната да ја звршат со ист број на бодови титулата ќе оди кај тимот кој има подобар меѓусебен скор, а во случајов тоа е Барселона.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП