22 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОНов рекорд за Вестбрук, Бостон врати со брејк, Кливленд прв полуфиналист

Нов рекорд за Вестбрук, Бостон врати со брејк, Кливленд прв полуфиналист

Бостон го врати двојниот брејк и израмни во четвртфиналната серија на Истокот, против Чикаго на 2-2, идентичен е резултатот во серијата на Западот помеѓу Јута и ЛА Клиперс, додека Хјустон води против Оклахома 3-1, иако во четвртиот меч Расел Вестбрук имаше уште едно блескаво издание и забележа трипл-дабл за едно полувреме.

Бостон лошо ја почна серијата против Чикаго, со два порази на домашен терен, но успеа да врати со иста мерка, со две гостински победи и да го израмни резултатот на 2-2.

Селтикс, изминатата ноќ, победија во Чикаго 104:95, благодарение на Ајзеа Томас, кој на почетокот на серијата доживеа семејна трагедија, откако неговата помлада сестра загина во сообраќајна несреќа.

Бостон уште на стартот на натпреварот стигна до предност од 20 поени, Чикаго се обиде да се врати во мечот во третиот период со серијата 12:0, но Бостон го одби налетот на ривалот и без проблеми забележа победа.

Ајзеа беше најефикасен кај Селтикси со 33 поени, а на спротивната страна идентичен број на кошеви постигна Џими Батлер.

Натпреварот број 5 се игра на 27.април во Бостон, шестиот два дена подоцна во Чикаго, а евентуалниот седми меч е закажан за 1.мај на теренот во Бостон.

Оклахома не успеа да ја забележи втората победа во дуелот со Хјустон иако Расел Вестбрук одигра уште еден неверојатен меч. Вестбрук забележа трипл-дабл уште во првиот дел (17 поени и 10 скокови и асистенции), а мечот го заврши со 35 поени и по 14 скокови и асистенции. Плејмејкерот на Оклахома е вториот играч во историјата на НБА лигата кој на три последовни натпревари во плеј офот запишал двоцифрени бројки во три различни статистички категории. Претходно тоа му успеало само на Оскар Робертсон во далечната 1967 година.

Хјустон победи во Оклахома 113:109, откако во финишот на третата четвртина ја надополни негативата од 14 поени. До предност 3-1 во серијата Хјустон го предводеше Нене Иларио со 28 поени и 10 скокови.

Јута го доби четвртиот натпревар во серијата со ЛА Клиперс и израмни на 2-2. Јута, со повратникот Руди Гобер, славеше 105:98. Францускиот репрезентативец забележа двоен ефект од 15 поени и 13 скокови, но клуч за триумфот на Јута беше придонесот на играчите од клупата кои постигнаа 66 поени. Клиперси ги предводеа Крис Пол со 28 поени, 12 асистенции и 9 скокови, односно Џамал Крофорд со 27 поени.

Бранителот на титулата во НБА лигата, Кливеленд избори пласман во конференциското полуфинале, откако серијата против Индијана ја доби со 4-0. Четвртиот меч од серијата Кливленд го доби во Индијанаполис со 106:102.

Индијана, одново како во првиот и третиот меч ја пропушти можноста да го порази шампионот. Пејсерси, во последниот период надоместија негатива од 12 поени, а во последните 90 секунди имаа водство 102:100.

До крајот Леброн Џејмс погоди тројка, Кајл Корвер беше сигурен од линијата за слободни фрлања, а најдобриот играч на Индијана, Пол Џорџ не погоди тројка за продолженија во последната секунда.

Леброн Џејмс блеска во плејофот, овој меч го заврши со 33 поени, додека Кајри Ирвинг уфрли 28. Најефикасен кај Индијана беше Мајлс Тарнер со 20 поени, а Пол Џорџ постигна 15.

Кливленд во полуфиналето на Истокот ќе игра против победникот од серијата помеѓу Торонто и Милвоки. Резултатот во оваа серија е израмнет 2-2.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП