3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСамсоненко: Ако има судиска неправда, ќе се повлечам од ракометот

Самсоненко: Ако има судиска неправда, ќе се повлечам од ракометот

Германски Фленсбург е последната пречка за ракометарите на Вардар кон пласманот на завршниот турнир во Лигата на шампионите.

Првиот натпревар, во Германија, ќе се одигра во сабота, а реваншот во Скопје е на 23.април. По тој повод, клубот во средата, организира прес конференција, на која првиот човек на Вардар, Сергеј Самсоненко, сподели со јавноста дека стравува од задкулисни работи, односно дека стравува од влијанието на судиите.

Вардар четврта година по ред е дел од најдобрите осум екипи во Лигата на шампионите, но во претходните три не успеа да избори пласман на завршниот турнир во Келн. Сезонава, која во клубот веќе се оценува како успешна, последна пречка на патот кон Келн, на вардаровите ракометари е Фленсбург.

Првиот натпревар на програмата е во сабота, во Германија, а реваншот е на 23.април, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

На неколку дена пред првиот меч, во Вардар се сомневаат дека во двомечот со Фленсбург ќе имаат чесно судење. Темата на прес конференцијата ја отвори спортскиот директор Едуард Кокшаров, а на неа се надоврза и првиот човек на Вардар, Сергеј Самсоненко.

„Сакам да го кажам истото што го кажа и спортскиот директор Кокшаров, дека имаме лоши информации. Јас не сакам да зборувам за што поточно се работи, само сакам да кажам дека ние ќе дадеме сè од себе за го поминеме Фленсбург. Единствено сакам да поставам прашање пред јавноста, дали ние го заслуживме ова. Мислам дека го заслуживеме, не само поради развојот на екипата, туку поради развојот на целата инфраструктура, вклучувајќи ги и младинските школи. Тоа е иднината на македонскиот ракомет. Ние трошиме многу сила и енергија, за пари не сакам да зборувам, на развојот на детските школи и развојот на младинските категории. Исто на овој пат се наоѓа и нашиот главен конкурент во македонскиот ракомет Металург“, рече Самсоненко.

Европската ракометна федерација за првиот натпревар во Германија ги делегираше судиите од Словенија Крстич и Љубич, додека реваншот во Скопје ќе го судат Данците Гјединг и Хансен.

Изборот на данската судиска двојка, да ја дели правдата во реваншот, ги поттикна сомнежите во клубот дека Фленсбург се фаворизира во борбата за пласман на завршниот турнир.

„Не ми е јасно зошто ги одредија да судат „нашите пријатели“ од Данска, кои ни судеа овде против Барселона. Целиот спонзорски тим на Фленсбург е од Данска. ЕХФ тоа така го одреди, ние треба да го почитуваме тоа и да се надеваме и од Фленсбург и од ЕХФ ќе го следат овој натпревар, дека сè ќе биде како што треба и дека нема да се повтори она што се случи пред три години. Јас можам да кажам дека доколку се повтори она што се случи пред три години дека јас ќе се повлечам од ракометот. Јас повеќе немам сила да се борам. Тоа не значи дека јас ќе заминам, ќе останам во Вардар, но ќе ги поддржувам младите категории, ќе ги развиваме ракометните школи, кои се иднината на ракометот во Македонија. Но да инвестираме толку многу пари, секоја година по седум милиони евра во ракометниот клуб и да се случи истото она од пред три години…јас повеќе не можам да го издржам тоа“, рече Самсоненко.

Сопственикот на Вардар, на прес конференцијата, побара од целата македонска јавност, но и од оние кое живеат во Германија, да го поддржат клубот во двомечот со Фленсбург. Првиот натпревар помеѓу Фленсбург и Вардар во сабота ќе стартува во 17:30 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП