22 април, 2025
ПочетнаИНТЕРЕСНОРеал го елиминираше Баерн со помош на Кашаи, Анчелоти бесен на судиите...

Реал го елиминираше Баерн со помош на Кашаи, Анчелоти бесен на судиите (видео)

Фудбалерите на Реал се полуфиналисти во Лигата на шампионите, откако во драматичниот четвртфинален реванш го елиминираа Баерн Минхен. Натпреварот во регуларниот дел заврши со резултат 1:2, а по продолженијата Реал славеше со 4:2. Кристијано Роналдо постигна три гола, а голем „придонес“ во триумфот имаше и унгарскиот судија Виктор Кашаи, чии две одлуки директно го одредија победникот.

Реал и Баерн одиграа еден од најдобрите мечеви во тековната сезона, во Лигата на шампионите, а дамка на блескавата игра на теренот фрли арбитражата на Унгарецот Виктор Кашаи и неговите помошници, кои со две одлуки тешко го оштетија германскиот шампион.

Кристијано Роналдо постигна три гола, со што стигна до бројката од 100 гола во Лигата на шампионите. Мечот на „Сантијаго Бернабеу“ беше последен во европските купови, во кариерите на Филип Лам и Чаби Алонсо. Овие двајца играчи кои оставија длабока дамка во светскиот фудбал, по завршувањето на сезоната ќе стават крај на своите кариери.

Првото полувреме во Мадрид донесе отворена игра на двете страни, неколку добри можности за постигнување на гол, но по 45 минути мрежите мируваа.

Баерн, по осум минути игра во вториот дел успеа да постигне гол. Каземиро невнимателно стартуваше врз Робен во шеснаесетникот, судијата Кашаи покажа на белата точка, а Левандовски пеналот го претвори во гол.

Баварците се обидоа да го искористат моментумот, но одбраната на Реал успеа да ги одбие нивните налети. Во овој период од играта Кашаи можеше, но не го додели вториот жолт картон на Каземиро, кој премногу агресивно стартуваше врз Робен.

Откако ги одби нападите на противникот, Реал започна да ја плете мрежата околу голот на Нојер и израмнувањето дојде во 76.минута. Каземиро упати идеална топка во срцето на шеснаесетникот, Боатенг го загуби дуелот со Роналдо, кој го совлада Нојер во 76.минута.

Но само две минути подоцна Серхио Рамос ги шокираше соиграчите, кога по една мешаница, реагираше несмасно и ја погоди сопсвената мрежа.

Постигнатиот гол уште повеќе ги охрабри играчите на Баерн, тргнаа со сите сили кон голот на Кејлор Навас со намера до го решат победникот во регуларниот дел од мечот.

На пет минути до крајот судијата Кашаи ја направи клучната грешка. Артуро Видал со лизгачки старт чисто успеа да му ја одземе топката на Каземиро, но унгарскиот судија досуди слободен удар за Реал и на Видал му го покажа вториот жолт картон.

Во продолженијата, иако со играч помалку Баерн беше поактивен, а на истекот на првото продолжение, Кашаи и неговите колеги направија нова катастрофална грешка кога признаа нерегуларен гол на Реал.

Серхио Рамос нафрли кон Роналдо, Португалецот беше длабоко зад одбраната на Баерн, а откако судиите не се огласија, мирно ја прифати топката и израмни на 2:2.

Во второто продолжение, кога играчите на Баерн паднаа во ритамот, Реал постигна уште два гола. Најпрвин Марсело се прошета низ баварската одбрана и му асистираше на Ронадо кој го постигна својот трет гол, вкупно 100-ти во Лигата на шампионите, а потоа истото го направи и Асенсио кој сам ја заврши акцијата и ги постави конечните 4:2.


RM by YNWAHD

Лут и разочаран беше тренерот на Баерн Минхен, Карло Анчелоти, по судискиот грабеж, во четвртфиналниот реванш во Лигата на шампионите, против Реал во Мадрид.

„Задоволен сум од начинот на кој моите играчи го одиграа натпреварот. Се беше одлично, со исклучок на судијата. Жално, бидејќи натпреварот беше фантастичен. Горд сум на своите момци, дадоа се од себе, дури и повеќе од тоа, а тогаш се случи она што се случи. Судијата го уништи натпреварот. Не се согласувам со теориите дека некој од Реал има удел во она што се случи, едноставно судиите беа лоши. Не сум од оние кои ја поддржуваа технологијата во фудбалот, но по овој натпревар ја сакам технологијата. По мечот разговарав со Зидан и тој ми призна дека судењето беше криминално“, рекол Анчелоти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП