8 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМега-пресметка во Минхен, Лестер гостува кај Атлетико

Мега-пресметка во Минхен, Лестер гостува кај Атлетико

Баерн и Реал, Атлетико и Лестер, односно Борусија и Монако, во среда, ќе ги одиграат своите први четвртфинални натпревари во Лигата на шампионите. Во вторникот, Јувентус стекна предност од 3:0 против Барселона, додека дуелот во Дортмунд, помеѓу Борусија и Монако, беше одложен за денеска, откако беше нападнат автобусот на фудбалерите на Борусија.

Баерн и Реал вечерва ќе се сретнат по 23-ти пат во европските натпреварувања. Дуелот на гигантите кои заедно имаат 16 европски титули ќе го обележи и дуелот помеѓу учителот, Карло Анчелоти и ученикот, Зинедин Зидан. Анчелоти како тренер, а Зидан како негов прв помошник во 2014 година од клупата го предводеа Реал до титулата во Лигата на шампионите.

„Ова ќе биде посебен натпревар за мене, бидејќи еден убав период од мојата кариера минав во Реал. Ако ме прашувате за Зидан, секогаш знаев дека ќе биде добар тренер. Беше извонреден фудбалер, но на време разбра дека тоа не е доволно за да се биде врвен тренер, поради тоа многу работеше на своето усовршување. Тој е харизматичен, играчите го почитуваат и тоа е најважно“, изјави Анчелоти.

Баварците викендов ја прегазија Борусија, во бундеслигашкото дерби (4:1), додека Реал во градското дерби со Атлетико одигра 1:1.

„Точно е дека во овој момент не играме на посакуваното, шампионско ниво. Но и во минатото ја кревавме формата во финишот на сезоната, се надевам дека истото ќе се случи и сега. Очекувам против Баерн, но и во наредните натпревари да одиграме најдобро. Против Баерн не очекуваат два тешки натпревари“, вели крилниот напаѓач на Реал, Герет Бејл.

Инаку, традицијата е на страната на Баерн, особено кога мечевите се играат во Минхен. На девет натпревари, Баерн има девет победи и само еден пораз, а еден натпревар завршил нерешено. Сепак поразот добро го паметат во Минхен, тогаш Реал предводен токму од Анчелоти победи во Минхен со 4:0.

Двајцата тренер пред дуелот имаат проблеми во дефанзивата, Баерн ќе биде без Хумелс, а Реал без Варан и Пепе. Голем проблем за Баерн е и повредата на Левандовски, кој во понеделникот го повредил рамото, а Анчелоти вели дека доколку не е целосно здрав нема да ризикува и да го стави во игра.

Атлетико, финалист во Лигата на шампионите во 2014 и 2016 година, на „Винсенте Калдерон“ ќе го пречека дебитантот Лестер, кој со пласманот во четвртфиналето го оствари својот најголем успех во европските купови.

Историјата вели дека Атлетико два пати бил подобар од Лестер во европските натпревари, во сезоните 1961/1962 и 1997/1998. Според прогнозите екипата на Чоло Симеоне е голем фаворит во овој двомеч.

„Нема да биде лесно. Мислам дека многу потешко играме против „помалите“ клубови, но нашите амбиции се да стигнеме до финалето“, истакна левиот бек на Атлетико, Фелипе Луис, кој на последните три натпревари во Примера постигна два гола за својот тим.

Лестер долго се мачеше оваа сезона, но новиот менаџер Крег Шекспир го стабилизира тимот, ја елиминира Севилја во осмина финалето, а во Премиерлигата победи на пет од шестте натпревари.

„Самодовербата ние зголемена, играме многу подобро. Нема да се предадеме против Атлетико“, порача голманот на Лестер, Каспер Шмајхел, кој против Севилја во двете средби одбрани два удари од 11 метри, со што му овозможи на тимот да се пласира во четвртфиналето.

Дуелите во Минхен и Мадрид ќе започнат во 20:45 часот, а Борусија и Монако својот натпревар ќе го стартуваат во 18:45 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП