21 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЧелзи го победи Сити, кикс на Ливерпул, драматичен триумф на Тотенхем (видео)

Челзи го победи Сити, кикс на Ливерпул, драматичен триумф на Тотенхем (видео)

Челзи ја задржа предноста од седум бода во однос на Тотенхем со победата над Манчестер Сити 2:1, во премиерлигашкото дерби. Тотенхем во финишот ги освои бодовите кај Свонси, додека Ливерпул не успеа да го совлада Борнмут.

Челзи и Тотенхем до крајот на сезоната ќе се борат за титулата, откако по натпреварите од 31.коло разликата меѓу нив остана седум бода, додека Ливерпул е 12 бодови зад лидерот и пет зад Спарси.

Дербито на „Стенфорд Бриџ“ го реши Белгиецот Еден Азар со головите во првото полувреме. Азар најпрвин погоди за 1:0 во десеттата минута, потоа израмни Серхио Агуеро во 26-та, а крилниот напаѓач конечните 2:1 ги постави во 35.минута.

Азар изведе пенал, Кабаљеро одбрани, но топката се одби повторно до Азар кој од вториот обид беше прецизен.

Тотенхем во фото финишот ги освои бодовите кај Свонси. Спарси имаа негатива од 11.минута кога Ратлиџ го совлада Љорис. Тој резултат беше актуелен до 88.минута и израмнувачкиот гол на Деле Али, а потоа во судиското надополнување на времето Сон и Ериксен му донесоа победа на Тотенхем 1:3.

Ливерпул ги загуби минималните шанси кои ги имаше во борбата за титулата, откако одигра 2:2 со Борнмут. Гостите први стигнаа до гол во седмата минута кога гол постигна Афтобе. Ливерпул во финишот на првото и почетокот на второто полувреме направи пресврт со головите на Кутињо и Ориги, но на три минути до крајот Кинг го постави конечниот резултат.

Арсенал ја прекина серијата од три натпревари на кои немаше победа и во последните половина час го доби градското дерби со Вест Хем. Стрелци за Арсенал беа Волкот, Езил и Жиру.

Саутемптон во последните пет минути ја обезбеди победата 3:1 над Кристал Палас, додека Хал освои значајни бодови во борбата за опстанок, со победата 4:2 над Мидлзброу.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП