Бразил е првата репрезентација која низ квалификациите избори пласман на Светското првенство кое наредната година ќе се одржува во Русија. На четири кола до крајот на квалификациите во Јужна Америка, Бразилците ја предводат табелата со 33 бодови.
Светското првенство во Русија ќе се одржи во 2018 година, а покрај домаќинот веќе и познато и името на првата репрезентација која низ квалификациите избори пласман на најголемата фудбалска смотра. Тоа е селекцијата на Бразил, која во вторникот против Парагвај ја забележа осмата квалификациска победа во низа.
Бразилската јавност е воодушевена од националниот тим, кој доживува ренесанса под водство на селекторот Тите. Кариоките, пред 18 месеци, со пораз стартуваа во квалификациите за пласман на Мундијалот, но тој пораз беше единствен во квалификацискиот циклус.
Медиумите објавија и анкета која најдобро ја доловува популарноста која ја има селекторот Тите. Имено, според анкетата, доколку Тите би се кандидирал на претседателските избори за него би гласале 15 отсот од 200 милиони Бразилци.
Бразил на наредните 13 натпревари не загуби ниту еднаш, се наоѓа во серија од осум победи и на четири кола до крајот на квалификациите се пласира во Русија. Во вторникот, во Сао Паоло, Бразил го победи Парагвај 3:0, со головите на Кутињо, Нејмар и Марсело. Победата на Бразил можеше да биде и поубедлива но Нејмар не успеа да реализира пенал.