Актуелниот шампион во НБА лигата Кливелнд доживеа дебакл во Сан Антонио и ја загуби првата позиција во Источната конференција. На другиот крај од Тексас, во Далас, Расел Вестбрук со 37-от трипл дабл, речиси сам го победи домаќинот.
Сан Антонио го декласира Кливленд 103:74. Актуелните шампиони имаат скор од 47 победи и 26 порази и првата позција на Истокот му ја препуштија на Бостон.
Спарси доминираа од првата минута, на полувреме имаа предност од 24 поени, а во второто полувреме без поголем напор ја сочуваа предноста. Кливленд во Тексас постигна најмал број на поени оваа сезона и уште еднаш потврди дека во пресрет на плејофот целиот тим се наоѓа во лоша форма.
Сан Антонио до победата го предводеше Каваи Ленард со 25 поени, по 6 скока и асистенции и 3 украдени топки, додека центрите Ламаркус Олдриџ и Пау Гасол постигнаа по 14 поени.
Спарси имаат скор од 56 победи и 16 порази и се втори на Западот и воопшто во лигата.
Кај Кливленд потфрли целиот тим, а амо двајца постигнаа двоцифрен број на поени: Леброн Џејмс 17 и Тристан Томпсон 11.
Расел Вестбрук го запиша 37-от сезонски трипл-дабл, откако во последните три и пол мунути, во Далас, сам ја надомести негативата на Оклахома од 13 поени. На Вестбрук му се потребни уште четири трипл-дабл учиноци за да се израмни на вечната листа со Оскар Робертсон.
Далас на три и пол минути до крајот имаше предност 91:78, а потоа на сцена стапи Вестбрук кој постигна 12 од последните 14 поени на својот тим за триумф 91:92.
Рас мечот го заврши со 37 поени, 13 скокови и 10 асистенции.
На останатите натпревари кои се одиграа изминатата ноќ: Њујорк го победи Детроит 109:95, Торонто го декласира Орландо 131:112, Сакраменто изненади со победата над Мемфис 91:90, а Јута славеше против Њу Орлеанс 108:100.