Њу Орлеанс го победи Мемфис 98:82, Торонто по едно продолжение славеше над Чикаго 122:120, Бруклин го изненади Детроит 98:96, Мајами очекувано го победи Феникс 112:97, Сан Антонио славеше во Минеаполис 100:93, а Портланд загуби од Милвоки 90:93.
Њу Орлеанс ги задржа шансите за пласман во плејофот со победата над Мемфис. Неверојатен натпревар одигра Демаркус Казинс кој постигна речиси половина од поените на својот тим.
Популарниот Буги на теренот мина 37 минути и имаше ефект од 41 поен, 17 скокови, три блокади и по две асистенции и украдени топки.
Чикаго испушти предност од 15 поени во последните седум минути (109:94) и потоа во продолжението загуби од Торонто. Демар Дерозан го предводеше победникот со 42 поени, 7 скокови и 8 асистенции. Кај Чикаго блескаше Џими Батлер со 37 поени, 10 скокови и 6 асистенции.
Натпреварот го обележа тепачката помеѓу Робин Лопез и Серж Ибака, поради што двајцата беа исклучени.
Хасан Вајтсајд со 23 поени и 14 скокови го предводеше Мајами до убедливата победа над Феникс. Центарот на Мајами го забележа 13-от „дабл-дабл“ на последните 13 натпревари.
Бруклин го изненади Детроит и победи со поените на Брук Лопез постигнати во последната секунда. Лопез беше најдобриот поединец на натпреварот со 29 поени и 7 скокови.
Сан Антонио не дозволи изненадување во Минеаполис против Минесота која игра без тројца важни играчи во ротацијата. Ламаркус Олдриџ со 26 и Каваи Ленард со 22 поени беа најдобри кај Спарси.
Портланд загуби од Милвоки иако во последните три минути влезе со предност од три поени. Крис Мидлтон со 26 поени го предводеше Милвоки, додека најефикасен на натпреварот беше бекот на Портланд Демијан Лилард со 31 поен.