28 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОФА куп: Канте го однесе Челзи на Вембли (видео)

ФА куп: Канте го однесе Челзи на Вембли (видео)

Фудбалерите на Челзи го совладаа Манчестер Јунајтед во четвртфиналното дерби во ФА купот и изборија пласман во завршницата на ова натпреварување која се игра на Вембли. Покрај Челзи полуфинале во ФА купот избори Манчестер Сити, Арсенал и Тотенхем.

Лидерот во Премиерлигата доминираше против екипата која ја предводи нивниот поранешен тренер Жозе Мурињо, најмногу поради фактот што Јунајтед од 36.минута играше со играч помалку поради исклучувањето на Андер Ерера.

Повремениот шпански репрезентативец за 15-тина минути доби два жолти картони и двата поради стартови врз Еден Азар.

Јунајтед подобро влезе во натпреварот, но почетната иницијатива не успеа да ја искористи. Во првите 15 минути единствено се закани Мхитаријан, но неговиот удар заврши крај голот на Куртоа.

Кога Челзи воспостави рамнотежа на теренот, започна силно да притиска кон голот на Де Хеа, а Шпанецот со две одлични интервенции по ударите на Азар и Кејхил успеа да ја сочува својата мрежа.

Од првото полувреме за обележување е и вербалниот дуел на менаџерите Конте и Мурињо, непосредно пред Ерера да го добие вториот жолт картон. Жестоката расправија на менаџерите ја смири најпрвин четвртиот судија, а потоа и главниот арбитар Мајкл Оливер.

Второто полувреме во целост му припадна Челзи, кој максимално ја искористи предноста од човек повеќе.

Решавачкиот момент се случи во 51.минута кога Канте со прецизен удар од 22 метри го совлада Де Хеха. Францускиот репрезентативец го постигна вториот гол во дресот на Челзи, а интересно и првиот беше против Јунајтед, во Премиерлигата, кога во октомври минатата година Челзи победи со 4:0.

Седум минути по водечкиот гол на Челзи, Јунајтед ја имаше единствената вистинска шанса на натпреварот. Давид Луиз згреши на средината од игралиштетот, Рашфорд во полн спринт тргна кон голот на Челзи, два пати го исфрли од игра Кејхил, упати удар кој го одбрани Куртоа.

До крајот на натпреварот настаните се одвиваа на половината на Јунајтед, но и покрај неколкуте добри шанси кои ги осздадоа играчите во сини дресови резултатот не се менуваше.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП