10 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар не му дозволи на Кристијанштад да направи изненадување

Вардар не му дозволи на Кристијанштад да направи изненадување

Ракометарите на Вардар со победа ја завршија фазата по групи во Лигата на шампионите. Вардар ја освои Б групата и заедно со победникот во А групата, Барселона, избори директен пласман во четвртфиналето.

Вардар, во последниот меч од групата, не му дозволи на Кристијанштад да направи изненадување и со победата 32:30 му овозможи на ППД Загреб да игра во осминафиналето.

„Црвено-црните“ опуштено го одиграа натпреварот со Кристијанштад, но шведскиот првак не успеа тоа да го казни бидејќи Вардар на голот го имаше Арпад Штербик кој натпреварот го заврши со 21 интервенција.

Вардар во раната фаза на натпреварот стекна предност од три гола (4:1, 5:2), Кристијанштад во 18.минута успеа да се доближи на гол негатива (10:9), но Вардар со две серии од по три гола повторно создаде комотно водство (16:11). На полувреме тимот на Раул Гонзалес имаше водство 17:13.

Второто полувреме започна со два брзи гола на Вардар и највисоката предност од шест гола (19:13), момент кога домашните ракометари го спуштија ритамот, што Кристијанштад го искорсити и во 42.минута дојде до гол негатива (21:20).

До крајот на натпреварот Кристијанштад беше во потрага по изненадување, но секогаш кога шведските ракометари ќе имаа напад за израмнување тоа не го дозволуваше брилијантниот Арпад Штербик.

Во самиот финиш сите дилеми околу победникот ги реши Вуко Борозан со два гола. Црногорскиот репрезентативец беше најефикасниот играч на Вардар со шест голови, а два гола помалку постигнаа Чупиќ (сите од седмереци) и Македа.

Вардар кој директно оди во четвртфиналето за противник меѓу најдобрите осум ќе го има победникот од осминафиналниот двомеч помеѓу Мешков Брест и Фленсбург.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП