2 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДибирова официјално претставена како нов тренер на ЖРК Вардар

Дибирова официјално претставена како нов тренер на ЖРК Вардар

dibirova 3003

Ирина Дибирова официјално и беше претставена на спортската јавност како нов тренер на ракометарките на Вардар. Сопругата на ѕвездата на машкиот тим на Вардар, Тимур Дибиров, на кормилото го наследи Давид Дејвис Камара кој се врати машкиот клуб и повторно ќе му биде помошник на Раул Гонзалес.

Ирина Дибирова, зад себе има беспрекорна играчка кариера, во која три пати освојувала златен медал на светските првенства, а со Шлагелсе и Звезда била европски првак.

Сопругата на Тимур Дибиров ќе биде третиот тренер на женскиот тим сезонава по Индира Кастратовиќ и Давид Дејвис Камара.

„Драги ние што Ирина Дибирова му се приклучи на тимот и што ќе го сподели со нас своето големо искуство. Му благодариме и на досегашниот тренер Дејвис за серијата добри резултати, со кои ЖРК Вардар беше првиот тим кој избори четвртфинале во Лигата на шампионите. Менување на тренер во оваа фаза од сезоната е крупен потег, ние како менаџмент тоа го знаеме и веруваме дека ова е најдоброто решение. Ирина беше одлична ракометарка, зад себе има успешна кариера и знае како се освојува Лигата на шампионите“, рече на прес конференцијата директорот на тимот Гордана Нацева.

„Ирина е врвен спортист, добро знае што значи дисциплина, посветеност, тренинг. Доколку тоа успее да го пренесе во овој тим тогаш сум сигурна дека ќе имаме успех“, дополни Нацева.

Таа потенцираше дека желбата на претходниот тренер Дејвис да се врати во машкиот тим била пресудна за назначувањето на Дибирова за тренер на ЖРК Вардар.

„Не е поразот од Мец причината за заминувањето на Дејвис, тој сам побара да се врати во машката екипа, каде повторно ќе му биде асистент на Раул Гонзалес и каде ќе може да се фокусира на дуелите кои ракометарите на Вардар ги очекуваат во четвртфиналето во Лигата на шампионите“.

ЖРК Вардар е првиот тим кој во кариерата ќе го предводи Дибирова. На прес конференцијата на која и беше претставена на јавноста таа имаше кусо обраќање.

„Имаме супер тим, составен од квалитетни ракометарки. Не можеме работите да ги менуваме експресно, ќе ни треба поддршка од трибините за да се вратиме во посакуваниот ритам. Имаме план за натпреварот со Турингер, подготвени сме да одиграме добро“.

Дибирова, в сабота од 17:30, ќе дебитира на клупата на ЖРК Вардар на натпреварот со германски Турингер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП