Фудбалерите на Реал Мадрид и минхенски Баерн први изборија пласман во четвртфиналето во годинешното издание во Лигата на шампионите. Двата тима против опонентите Наполи и Арсенал во реваншите победија со идентични резутати како и во првите дуели 3:1, односно 5:1.
Реал, иако резултатот тоа не го покажува, одигра лош натпревар во Неапол, а пласман во четвртфиналето му обезбеди Серхио Рамос со два гола во интервал од пет минути.
Наполи доминираше во првото полувреме, а со голот на Мертенс во 24.минута стигна до водство. Пет минути подоцна Реал не успеа да ја реализира единствената акција во првиот дел, Роналдо го мина и голманот Реина но го погоди дирекот. Дирекот му беше сојузник и на Кејлор Навас во 39.минута по ударот на Мертенс.
Во второто полувреме Рамос го спаси Реал со два гола. Реал во 52.минута доби корнер, Крос нафрли, а Рамос израмни на 1:1, пет минути подоцна истите играчи беа креатори на вториот гол на Реал, само што топката по ударот на Рамос од главата на Мертенес заврши во голот.
По вториот примен гол Наполи се предаде, играчите на Реал о чекаа крајот на натпреварот, а конечните 3:1 во 91.минута ги постави Мората.
Арсенал доживеа уште еден дебакл во дуелот со Баерн, иако по првото полувреме водеше 1:0 со голот на Волкот.
Клучниот момент на натпреварот се случи во 56.минута кога Кошчелни за неколку секунди направи прекршок за пенал, а потоа доби два жолти картони. Со играч повеќе на теренот Баерн го декласира Арсенал. Левандовски постигна гол од пенал, а потоа стрелци беа Робен, Даглас Коста и два пати Артуро Видал.