Кошаркарите на МЗТ го забележаа 16-от пораз во АБА лигата со што ги намали шансите за опстанок во регионалната лига. Македонскиот шампион во понеделникот загуби од Игокеа 67:71.
Клучниот натпревар сезонава кошаркарите на МЗТ го одиграа во контраритам, без концентрација, со многу технички грешки (17 загубени топки), поради што не ги искористија шансите кои противникот им ги пружи во финишот на натпреварот.
МЗТ водеше во раната фаза на натпреварот 7:6, а потоа играта ја презеде Игокеа, чии кошаркари во најголем дел од натпреварот ја одржуваа предноста, која не беше поголема од осум поен.
Во последната четвртина МЗТ доби неколку можности за пресврт, дури и поведе со тројката на Дреновац 61:58, но грешките и промашените слободни фрлања го однесоа македонскиот шампион во пораз.
Сите дилеми околу конечниот победник пооа ги реши Милошевиќ кој постигна тројка на 31 секунда до крајот.
Дреновац со 16 и Тејмс со поен помалку беа најефикасни кај МЗТ, но двајцата лошо шутираа заедно погодија 10 од 18-те обиди кон кошот на Игокеа.
МЗТ во наредното коло гостува во Подгорица кај Будуќност, а потоа во последното коло ќе го пречека Морнар.