Поразите на Сан Антонио и Хјустон, триумфот на Голден Стејт без Стеф Кари и мечот со три продолженија во Атланта, ја обележаа изминатата ноќ во НБА лигата.
Голден Стејт без првата ѕвезда Стеф Кари го надигра Портланд со 113:111. Кари го пропушти мечот во Портланд поради стомачен вирус. Вицепрвакот го предводеа Кевин Дурент со 33 поени, 10 скокови и 6 асистенции и Клеј Томпсон со 27 кошеви. Си Џеј Мекалум со 28 поени беше најефикасниот кај Портланд.
Далас ја прекина низата од 12 порази во дуелите со Сан Антонио, со победата 105:101. Далас успеа да надомести негатива од 15 поени по првото полувреме и да ја запише прввата победа против Спарси од 2010 година. Братот на Стеф Кари, Сет со 24 поени беше најефикасен во редовите на Далас, 19 поени постигна Херисон Барнс, а 17 уфрли Весли Метјуз.
Сан Антонио го забележа шестиот сезонски пораз на домашен терен. Кавај Ленард со 24 поени го предводеше тимот.
Индијана славеше над Хјустон 120:101. Блескаше Пол Џорџ кој покрај 33-те поени одигра одлична одбрана врз најдобриот играч на Хјустон Џејмс Харден. Бекот на Хјустон постигна само 15 поени, а од игра погоди само три шута од 17 обиди, а во нападот загуби осум топки.
Вистински спектакл на навивачите им приредија Атланта и Њујорк, натпреварот беше решен по три продолженија, а заврши со победа на Атланта 142:129. Пол Милсап ја предводеше Атланта со 37 поени и 19 скокови, 24 поени постигна Кент Бизмор, а Денис Шредер забележа 23 поени и 16 асистенции. Кај Њујорк се истакна Кармело Ентони со 45 поени.
Орландо запиша изненадувачка победа во Торонто 114:113, Чикаго убедливо ја порази Филаделфија 121:108, а Вашингтон го надигра Њу Орлеанс 107:94.
Шампионот Кливленд славеше против Оклахома 107:91. Кајри Ирвинг постигна 29 поени, а Леброн Џејмс мечот го заврши со 25 поени, 14 скокови и 8 асистенции. Леброн на овој меч ја надмина бројката од 20.000 постигнати поени во кариерата и стана првиот играч на Кливленд со вакво остварување.
На спортивната страна Расел Вестбрук забележа нов трипл дабл, вкупно 61-ви во кариерата. Рас имаше учинок од 20 поени, 12 скокови и 10 асистенции.