14 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНО18-та грен слем титула за Роџер Федерер

18-та грен слем титула за Роџер Федерер

external

Роџер Федерер ја освои титулата на Аустралијан Опен. Швајцарецот во финалето, по речиси четири часа игра, го победи Рафаел Надал со 3:2 (6:4, 3:6, 6:1, 3:6, 6:3). Швајцарецот во Мелбурн ја освои првата грен слем титула по речиси пет години и трофејот кој го освои на Вимблдон во 2012 година.

Роџер Федерер ја освои рекордната 18-та титула на грен слем турнирите, вкупно петта на Аустралијан Опен, а прва по 2010 година. На вечната листа Федерер сега има четири грен слем титули повеќе од Надал и Пит Сампрас и шест повеќе од Новак Ѓоковиќ.

Швајцарецот му се реваншира на Надал за поразот во финалето на овој турнир во 2009 година, кога Шпанецот ја освои единствената титула на Аустралијан Опен.

Со победата во финалето Федерер ја намали разликата во меѓусебните дуели со Надал, Шпанецот сега води со 23:12.

Надал одбра да сервира прв и до седмиот гем двајцата тенисери беа сигурни кога сервираа. Федерер се закани во седмиот гем, напаѓаше со бекхенд, кој одлично го служеше од почетокот на дуелот, стигна до две брејк шанси, ја искористи првата поведе со 4:3, а потоа по 34 минути го реши првиот сет со 6:4.

Шпанецот во вториот сет го подигна нивото на својата игра, заигра поагресивно што резултираше со брејк уште во вториот гем. Надал не застана тука, направи уште еден брејк во четвртиот гем за 4:0, па иако Федерер врати еден брејк, Надал лесно го доби сетот со 6:3 и израмни на 1:1.

Надал го задржа моментумот и на стартот од третиот сет, во првиот гем не реализира три брејк топки, но во тие моменти Швајцарецот беспрекорно сервираше и со три ас сервиси го спаси гемот.

Казната Надал го стигна веќе во наредниот гем, Федерер направи брејк поведе со 2:0, потоа уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот во петтиот гем и лесно со 6:1 го освои третиот сет за 2:1.

Иако Федерер ја имаше психолошката предност на почетокот од четвртиот сет, Надал успеа да одговори на адекватен начин, успеа да му го одземе сервисот на Швајцарецот во четвртиот гем, а потоа стигна и до предност од 4:1. До крајот двајцата ги добија своите сервис гемови и Надал израмни на 2:2 во сетови, добивајќи го четвртиот сет со 6:3.

По завршувањето на четвртиот сет, исто како и во полуфиналето против Вавринка, Федерер побара медицински тајм аут, но нешто подолгата пауза не ја помести играта на Надал.

Шпанскиот тенисер веднаш направи брејк, а уште поважен беше вториот гем во кој Надал спаси три брејк топки и поведе со 2:0.

Она што не му успеа на Швајцарецот во вториот гем, го реализираше во шестиот кога ја искористи третата брејк топка на сервис на противникот израмни на 3:3, а потоа понесен од претходниот гем својот сервис го доби без загубен поен и поведе со 4:3.

Федерер тука не застана, почувствува дека Надал не може да го следи ритамот, повторно направи брејк во осмиот гем, а кога сервираше за мечот и за својата 18-та грен слем титула во кариерата, најпрвин спаси три брејк топки, од кои две во низа за 6:3 во петтиот сет и конечен триумф над големиот ривал со 3:2.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП