
Шестиот пораз на последните осум натпревари кои го запишаа кошаркарите на Кливленд и 60-от трипл дабл во кариерата на Расел Вестбрук, ја обележаа измината ноќ во НБА лигата, во која се одиграа десет натпревари.


Шестиот пораз на последните осум натпревари кои го запишаа кошаркарите на Кливленд и 60-от трипл дабл во кариерата на Расел Вестбрук, ја обележаа измината ноќ во НБА лигата, во која се одиграа десет натпревари.
Кливленд е далеку од вистинската форма, а тоа го покажува и најновиот пораз во првенството, шест на последните осум натпревари. Актуелните шампиони загубија на домашен терен од Сакраменто 112:116.
Натпреварот беше решен во дополнителните пет минути, а Сакраменто до триумфот го предводеа Демаркуз Казинс со 28 поени, 11 скокови и 9 асистенции, односно Дарен Колисон со 23 поени.
На Кливелнд не му помогна одличното издание на Леброн Џејмс кој забележа трипл дабл од 24 поени, 13 скокови и 11 асистенции. На ниво беа и останатите двајца од „големата тројка“ на Кливленд (Кајри Ирвинг 20 поени, Кевин Лав 21 поен), но повторно потфрли остатокот од тимот.
Оклахома победи во Њу Орлеанс 114:105, а Расел Вестбрук го забележа 60-от трипл дабл во кариерата. Рас мечот го заврши со 27 поени, 12 скокови и 10 асистенции и се проби на петтото место на вечната листа, потиснувајќи го легендарниот Лери Бирд на шестото место.
Вицепрвакот Голден Стејт ја запиша 39-та победа во 46-от меч сезонава. Голден Стејт победи во Шарлот 113:103. Кевин Дурент постигна 33, Стеф Кари 28, а Клеј Томпсон 19 поени.
На другите натпревари Бостон го победи Хјустон 120:109, Чикаго загуби од Атланта 114:119, Мајами победи во Бруклин 109:106, Мемфис славеше против Торонто 101:99, Далас го порази Њујорк 103:95, а Портланд триумфираше над ЛА Лејкерс 105:98.