Поразите на Кливленд и Хјустон, односно 18-от сезонски трипл дабл на Расел Вестбрук ги обележаа натпреварите кои во НБА лигата се одиграа изминатата ноќ.
Актуелниот првак Кливленд го забележа вториот пораз на турнејата по Западот. Портланд предводен од Си-Џеј Мекалум го победи Кливленд 102:86. Мекалум мечот го заврши со 27 поени, 21 тој реализира во второто полувреме. Портланд четврата година во низа бележи триумф над Кливленд пред своите навивачи. Леброн Џејмс со 20 поени и 11 скокови беше најдобриот играч на шампионот на овој натпревар.
Минесота успеа да го победи Хјустон 103:95. Хјустон го запиша првиот пораз по серијата од девет победи. Ендрју Вигинс со 28, односно Карл-Ентони Таунс со 23 поени и 18 скокови ја предводеа Минесота, додека Рики Рубио го израмни личниот и рекордот на франшизата со 17 асистенции.
Хјустон го предводеше Џејмс Харден со 33 поени, 12 асистенции и шест скокови, но и шест загубени топки.
Оклахома забележа победа над Мемфис 103:95, а Расел Вестбрук го запиша 18-от трипл дабл во сезоната. До 55-от трипл дабл во кариерата Вестбрук стигна со 24 поени, 13 скокови и 12 асистенции. Тој веќе го израмни својот рекорд од минатата сезона, кога стана првиот играч уште од Меџик Џонсон и сезоната 1981/1982 со таков трипл дабл учинок.
Оклахома, кога Вестбрук ќе забележи трипл дабл, во последните две сезони има 33 победи и три порази, а оваа сезона тој однос е 15-3.
Ајзеа Томас постигна 38 поени, 20 од нив во последната четвртина и го однесе Бостон до победа против Вашингтон 117:108. Кај Вашингтон се истакна Бредли Бил со 35 поени.
Ти-Џеј Меконел постигна поени со звукот на сирената со кои Филаделфија го порази Њујорк 98:97. Њујорк го забележа деветтиот пораз на последните десет натпревари.
ЛА Клиперс против Орландо ја запишаа петтата победа во низа. Клиперси предводени од Џеј Џеј Редик (22 поени) и Крис Пол (18 поени) го совладаа Орландо 105:96.