8 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПари од игри на среќа влегоа во спортот

Пари од игри на среќа влегоа во спортот

spaseski-mukaetov33

Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Ракометната федерација на Македонија (РФМ), во четвртокот потпишаа договор за финансирање. Договорот доаѓа како резултат на измените во Законот за игрите на среќа според кој во иднина АМС ќе располага со значителни финансиски сретства кои ќе бидат насочени кон оние спортски федерации коишто доставиле план и програма за активностите кои им следат во 2017 година. Договорот го потпишаа директорот на АМС, Марјан Спасески и првиот човек на РФМ, Живко Мукаетов.

АМС првата транша на сретства ја определи на една од најдобрите национални спортски федерации, РФМ, односно за организација на младинските квалификации за пласман на Мундијалот во Алжир, односно за учеството на сениорската репрезентација на Светското првенство во Франција.

Договорот за финансирање на овие два значајни настани на почетокот на годината е резултат на новите стабилни извори на финансирање на АМС, кои се пак резултат на измените во Законот за игрите на среќа.

Во изминатите два месеци на сметката на АМС „легнале“ сретства во износ од три отсто помеѓу платениот и исплатениот износ од сите обложувалници во државата и разликата од 1,5 отсто од уплатениот и исплатениот износ во сите автомат клубови во Македонија.

„Очекуваме на годишно по овој основ да имаме дополнителни финасиски сретства кои ќе значат стабилен извор на финансирање и поддршка на националните спортски федерации во износ од 80 и 100 милиони денари годишно, што секако ќе значи поддршка и развој на македонскиот врвен спорт“, рече Спасески.

АМС реши финансиски да ја поддржи РФМ за организација на квалификацискиот турнир за пласман на младинскиот Мундијал, кој летово ќе се одржи во Алжир. Овој турнир започна во средата, а ќе заврши в петок, а покрај Македонија учесници се Полска, Португалија и Турција. Организацијата на овој турнир е поддржана со 600.000 денари.

„Она што е многу позначајно е што АМС со сретствата кои произлегуваат со измените во Законот за игри на среќа целосно ќе ги покрие трошоците за учество на машката сениорска ракометна репрезентација на Македонија на престојното Светско првенство во Франција“, рече директорот Марјан Спасески, дополнувајќи дека АМС за учеството на ракометарите на СП ќе издвои околу 6 милиони денари.

„Добро е што најпосле добиваме една посериозна помош од АМС. Ние и досега добивавме некои сретства, но мора да бидам искрен и да кажам дека над 90 отсто од сретствата РФМ ги обезебедуваше во текот на годината беа од приватните спонзори кои се дел од Управниот одбор на РФМ. Со овој нов чекор кој се прави, дефинитивно ние како РФМ ќе можеме уште поактивно да бидеме вклучени во активностите и на сите помалди категории, а не да бидеме насочени само кон „А“ селекцијата. Како РФМ ние оваа година имаме многу сериозна програма, поврзана со активностите на машката и женската сениорска репрезентација и организацијата на неколку квалификациски турнири во помладите категории и Европското кадетско првенство“, рече претседателот на РФМ, Мукаетов.

Директорот на АМС информира дека од 1.јануари во сила стапија и измените во Законот за спорт и измените во Законот за добивка, со коишто на секоја компанија која што ќе донира во спортска федерација или во Македонскиот олимписки комитет, односно во спортски клубови и индивидуални спортисти ќе и бидат овозможени соодветни даночни олеснувања.

„Имено доколку со одредена компанија вложи или донира во спортска федерација или во МОК може да добие даночно олеснување во висина од 40 отсто од пресметаниот износ од данокот на добивка. Ваквото вложување во фудбалски клуб ќе биде олесното со 50 отсто од пресметаниот износ од данокот на добивка, додека пак за финансирањето на ракометен или кошаркарски клуб, даночното олеснување ќе изнесува 40 отсто“, рече Спасески.

Вложувањето или финансиската поддршка на индивидуален спортист во олимписките спортови носи даночно олеснување од 10 отсто од пресметаниот данок на добивка за претходната година. Двојно помалку ќе биде даночното олеснување, доколку финансиски биде поддржан индивидуален спортист во неолимписките спортови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП