Ефикасни натпревари во Фиренца и Каљари понуди некомплетното 18.коло во Серија А. Фиорентина и Наполи одиграа 3:3, а Каљари со неверојатен пресврт славеше против Сасуоло 4:3. Палермо на Несторовски и Трајковски одигра 1:1 против Пескара.
Наполи два пати водеше во Фиренца, со головите на Инсиње и Мертенс (осми гол на Белгиецот на последните три средби), а два пати за Фиорентина израмнуваше Бернардески.
Фиорентина целосен пресврт направи кога Зарате го постигна третиот гол по асистенцијата на Бернардески, но во 93.минута Габијандини од пенал му донесе бод на Наполи.
Каљари до 58.минута губеше од Саусуоло 1:3, но до крајот успеа да постигне три гола за триумф 4:3. Творец на пресвртот беше Дијего Фариас кој во интервал од две минути гио постигна третиот и четвртиот гол за екипата од Сардинија.
Рома губеше од Киево 0:1, но до крајот на мечот со головите на Ел Шарави, Џеко и Пероти од пенал славеше рутински со 3:1.
Новата ѕвезда на италијанскиот фудбал Андреа Белоти го постигна единствениот гол со кој Торино ја побед Џенова. Горан Пандев за Џенова ги одигра последните 16 минути.
Палермо пропушти можност да врзе дев победи откако Пескара во 93.минута од пенал успеа да освои бод на Сицилија.
Претходно Швеѓанецот Каисон го постигна голот за Плаермо во 33.минута. На овој меч играа двајцата Македонци за Палермо. Несторовски го одигра целиот натпревар, во 43.минута заработи и жолт картон, додека Трајковски во 82.минута го замени стрелецот Каисон.
Без голови заврши натпреварот во Џенова, помеѓу Сампдорија и Удинезе.
Ова коло ќе биде комплетирано на 8.февруари наредната година кога ќе се одиграат натпреварите Кротоне-Јувентус и Болоња-Милан.
Натпреварите се одложени поради обврските на Јувентус и Милан во Суперкупот на Италија кој ќе се одигра во Доха, кој на програмата е во петок.