Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски, им додели специјално признание на У21 репрезентативците на гала-вечерта која се одржа во Скопје. „Хероите“ успеаја да се пласираат на ЕП, а Ѓорѓиоски вели дека му претставува огромна чест што пред него стојат момци кои успеале да направат чудо и да испишат нова страница на мак-фудбалот.
„Вечерва доделувам специјално признание кое многу ми значи. Младите фудбалери испишаа нова страница во фудбалската историја со златни букви. Јас искрено им посакувам да испишат уште една историска страница на ЕП. Не направија горди, се надевам ќе не направат уште погорди. Им посакувам многу среќа на ЕП. Вие сте иднината на мак-фудбалот!“, изјави првиот човек на федерацијата.
На бината продефилираа дел од У21 тимот кои настапуваат во македонското првенство, меѓу кои беа Велковски, Алексовски, Мурати, Демири, Бејтулаи, Николов, Маркоски… и сите добија по една статуетка од ФФМ. Генералниот секретар на ФФМ г. Филип Поповски им додели признанија на општинските фудбалски сојузи.
За разлика од претходните години, овој пат во Македонскиот народен театар, ФФМ се одлучи своите признанија најдобрите од мак-фудбалот главно да ги добијат од рацете на убави домашни лица од понежниот пол. Па, ТВ водителките Маријана Станојковска, Милена Антовска, Анета, пејачката Силви Плевнеш, но и сопругата на кошаркарот Перо Антиќ, Ружица,… беа тие кои ги доделија признанијата за најдобрите македонски фудбалери, клубови и фудбалски работници.