Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) соопшти дека националниот тим во наредните четири години ќе го предводи досегашниот вршител на должноста селектор, Герет Саутгејт.
„Горд сум што станав селектор на Англија. Решен сум сѐ што имам да и дадам на оваа земја, на оваа репрезентација. Се надевам дека луѓето ќе уживаат во нашата игра“, рекол Саутгејт.
Герет Саутгејт во септември беше назначен за привремен селектор, откако Сем Алардајс доби отказ. Како вршител на должноста Саутгејт ја предводеше Англија на четири натпревари, победи против Малта и Шкотска и ремизираше со Словенија и Шпанија.
Според англиските медиуми Саутгејт ќе ја предводи репрезентацијата до завршувањето на Европското првенство во 2020 година, а наводно ќе заработува два милиони фунти годишно.
Саутгејт има 46 години, во периодот 2006-2009 беше менаџер на Мидлсброу, а потоа беше назначен за селекторот на репрезентацијата до 21 година. На оваа функција беше од 2013 до септември годинава.