18 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВардар во финишот го скрши Металург

Вардар во финишот го скрши Металург

dsc_4919

Вардар го победи Металург 31:29 (15:15) во македонското дерби кое се одигра во вторникот, во СЕХА лигата. Вардар остана единствениот непоразен тим во регионалната конкуренција, а Металург го забележа седмиот пораз.

Двата тима во градското дерби влегоа по победите на тешките гостувања во Лигата на шампионите, Вардар против Рајн Некар во саботата, а Металург против Елверум во неделата.

Видливи беа трагите од тие тешки мечеви врз ракометарите на двата тима, особено тоа се почувствува кај ракометарите на Металург, кои во последните дваесетина минути целосно останаа без енергија.

Токму во втората половина од второто полувреме Вардар и го реши натпреварот. „Црвено-црните“, во тој период (од 41. до 55.минута) од 23:24 се одлепија на 31:26, а во последните три минути Металург со три гола го ублажи поразот.

Првиот дел мина во максимално израмнета игра, тимовите се менуваа во водството, а Вардар стигна до 14:12 и 15:13, но Металург преку Талески и Обрадовиќ избори егал по првиот дел.

Вардар во првиот дел немаше решение за играта на Металург со седум играчи во нападот, иако од грешките на противникот успеа да постигне три гола. Металург со ваква игра успеа да победи кај Елверум, но против Вардар играта со седуммина во нападот не го даде посакуваниот резултат.

Червар е свесен за тоа, но без забелешка за своите млади бекови, а на пресот по мечот најави дека овој напаѓачки систем би можел да го пренесе и во репрезентацијата.

Воведните десет минути од вториот дел минаа во знакот на Дибиров и Марсениќ кои ги постигнаа првите осум гола за Вардар (Дибиров пет, Марсениќ три), а потоа на веќе опишаниот начин „црвено-црните“ ја обезбедија победата.

Дибиров го предводеше Вардар со шест гола (пет во вториот дел), пет гола даде Мораеш, а по четири Циндриќ, Македа и Марсениќ. Металург го предводеше Талески со осум голови, шест постигна Илиќ, а пет Обрадовиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП