Фудбалерите на Манчестер Јунајтед и Арсенал одиграа 1:1 во првиот натпревар од 12-то коло, во англиската Премиерлига. Мата за Јунајтед и Жиру за Арсенал ги постигнаа головите на „Олд Трафорд“.
Манчестер Јунајтед го контролираше натпреварот, прв постигна гол, а на противникот му дозволи да израмни во претпоследната минута од првиот директен удар кон голот на Де Хеа.
Јунајтед поведе во 69.минута кога проработе шпанската врска, Ерера го проигра Мата кој од 12 метри непречен од никого го совлада Чех.
И по голот „црвените ѓаволи“ продолжија да ја контролираат играта, Арсенал тешко се справуваше со пресингот на ривалот. Работите се сменија кога Мата излезе од игра, а на неговото место влезе Шнајдерлин, Јунјатед загуби еден играч кој вршеше притисок врз последната линија на Арсенал.
„Топџиите“ израмнија во претпоследната минута, Окслејд-Чемберлен проби по десната страна упати идеален центаршут, а Жиру со глава ја смести топката зад грбот на Де Хеа.
Овој дуел беше 11-от во низа, во Премиерлигата, на кој Арсенал остана без победа над Јунајтед, а Арсен Венгер и по 16-от натпревар остана на само една победа во дуелите со тимовите кои ги предводи Жозе Мурињо.