Екипите на Хјустон, Чикаго, Минесота, Мајами и Вашинготн забележаа победи во НБА лигата. Индивидуално повторно блесна Џејмс Харден кој го забележа третиот трипл дабл во сезоната.
Хјустон, со тимска игра со која диригираше расположениот Харден, во дербито го победи Портланд 126:109. Харден мечот го заврши со трипл дабл (26 поени, 14 скокови и 12 асистенции).
Покрај Харден двоцифрен учинок имаа и останатите од стартната петорка на Хјустон. Тревор Ариза постигна 16 поени, Клинт Капела поен помалку, Рајан Андерсон уфрли 13, а Патрик Беверли 11 кошеви.
Бековите Си Џеј Мекалум и Демијан Лилард го предводеа Портланд, првиот постигна 26, а вториот 18 поени.
На останатите четири средби Минесота убедливо славеше против Филаделфија 110:86, Чикаго во Јута ја забележа четвртата победа во низа (85:77), Мајами го совлада Милвоки 96:73, а Вашингтон триумфираше над Њујорк 119:112.