30 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДавид Бабунски: Немам намера да ја напуштам Црвена звезда

Давид Бабунски: Немам намера да ја напуштам Црвена звезда

david-babunski-1

Македонскиот фудбалски репрезентативец Давид Бабунски ги демантира наводите на некои македонски медиуми дека во зимскиот преоден рок ќе ја напушти екипата на Црвена зввезда.

„Тоа е само обична новинарска приказна, за клик повеќе или за сензационализам. Седев дома и одеднаш ми стигнаа пораки во стилот „што е ова“, „дали е вистина“…Па не е вистина, ниту сум говорел на тема заминување, ниту имам намера да заминам. Сконцентриран сум на игрите во Црвена звезда. Доколку постојат некои понуди, за кои јас навистина не сум слушнал, тоа е работа на мојот менаџер и клубот. Јас тука се држам по страна“, изјавил Бабунски за „Вечерње новости“ 

Бабунски истакнал дека не му е лесно бидејќи не игра во континуитет, но се надева дека ситуацијата ќе се смени.

„Ситуацијата не е лесна, но во клубот веруваат во мене. Веруваат дека сум перспектива и дека ќе добијам шанса. Кога ќе биде тоа ќе видиме. Мое е да работам. Ми недостасува континуитет, ми треба да „врзам“ пет-шест натпревари во низа, поради тоа варира моето ниво на игра. Тренерот Божовиќ разговараше со мене по ова прашање. Ние имаме супер однос, доколку се јави некој проблем него го решаваме со разговор“.

Македонскиот репрезентативец, кој во јуни со младата селекција ќе учествува на Европското првенство во Полска, во мини интервјуто истакнал дека терените во Србија му се голем проблем.

„Многу тешко се навикнувам на терените во Србија, особено во зима. Терените се лоши, го попречуваат развојот на лигата. Тешко е да ја спуштиш топката на земја, да одиграш на прва, поради тоа некогаш играта се сведува на долги топки. Штета, без вистинско вложување во инфраструктурата, српската лига нема да може да напредува, а има многу голем потенцијал“, заклучил Бабунски.

Инаку, Давид Бабунски, е продукт на прочуената школа на Барселона, а откако не доби шанса во првиот тим на каталонскиот гигант, на почетокот на 2016 се пресели во Црвена звезда.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП