Кливленд, Атланта, Чикаго, Шарлот и АЛ Лејкерс забележаа победи изминатата ноќ во натпревари кои се одиграа во НБА лигата.
Актуелниот шампион, Кливленд, во дербито на Истокот славеше над Торонто 121:117. Кливленд ја запиша деветтата победа во десеттиот меч, додека Торонто има скор 7/2.
Леброн Џејмс со 28 поени, 14 асистенции и девет скока го предводеше шампионот. Над 20 поени постигнаа Кајри Ирвинг (24) и Ченинг Фрај (21), додека дабл-дабл остарија Кевин Лав (19 поени, 13 скокови) и Тристан Томпсон (15 поени, 11 скокови).
Бековите Кајл Лаури и Демар Дерозан беа најефикасни во редовите на Торонто. Лаури постигна 28, а Дерозан 26 поени.
Атланта продолжува со одличните настапи во новата сезона. Тимот кој му го нанесе единствениот пораз на Кливленд, изминатата ноќ победи во Мајами 93:90. Денис Шредер со 18, односно Пол Милсап и Тим Хардавеј јуниор со по 15 поени ја предводеа Атланта.
На другите натпревари Чикаго победи во Портланд убедливо со 113:88, Лејкерси славеа против Бруклин 125:118, а Минесота загуби од Шарлот 108:115.