Аргентина предводена од Лионел Меси и Чиле предводен од Алексис Санчез забележаа победи во 12.коло, во јужноамериканските квалификации за пласман на Светското првенство. Покрај Аргентина и Чиле, изминатата ноќ, триумф запиша и лидерот на табелата Бразил.
Лионел Меси, кој беше самокритичен по поразот во Бразил, изминатата ноќ ја предводеше Аргентина до убедлива победа над Колумбија 3:0. Најдобриот аргентински фудбалер постигна гол и асистираше за вториот и третиот гол и беше најзаслужен што Аргентина ја прекина низата од четири квалификациски натпревари без победа.
Меси од слободен удар го отвори резултатот во десеттата минута, а три минути подоцна му асистираше на Лукас Прато за 2:0. Третиот гол го постигна Ди Марија на шест минути до крајот, а одново асистент беше Меси.
Аргентина по 12 натпревари има 19 бодови и се наоѓа на петтото место на табелата со осум бодови помалку од лидерот Бразил.
Бразилците рутински го одработија гостувањето во Перу. Головите за триумф 2:0, во второто полувреме, ги постигнаа Габриел Жесус и Ренато Аугусто.
Чиле со пресврт, предводен од Алексис Санчез, славеше против Уругвај 3:1. Единсон Кавани погоди во 17-та минута за водство над Чиле, кое на истекот на првиот дел го анулираше Едуардо Варгас. Алексис Сначез во второто полувреме ја обезбеди победата за својата репрезентација со головите кои ги постигна во 60-та и 76-та минута. Уругвај можеше да намали во претпоследната минута, но Луис Суарез не реализираше пенал.
Чиле е четврти на табелата со 20 бодови, колку што има и третопласираниот Еквадор, додека Уругвај остана на второто место во 23 бода.