Ракометарите на Вардар во сабота ќе го одиграат дербито на шестото коло во Лигата на шампионите, против актуелниот првак Кјелце. Двата тима во пресрет на меѓусебниот дуел имаат скор од четири победи и еден пораз.
Неколку заеднички работи имаат Вардар и Кјелце во пресрет на меѓусебната пресметка во Скопје, која може но и не мора на крајот да го одреди победникот во Б групата.
Двата тима имаат по четири победи и еден пораз, гол разлика +17 (Вардар 148:131, Кјелце 153:136), а единствените порази досега ги забележаа во петтото коло.
Кјелце во дербито ќе влезе без двајца влијателни играчи Михал Јурецки и Пјотр Храпковски, додека Вардар е во најдобриот состав.
„Црвено-црните“ посакуваат реприза на минатосезонскиот дуел, кога во Скопје го демолираа Кјелце со 34-24.
Саботниот натпревар во СЦ „Јане Сандански“ ќе започне во 17:30 часот.