12 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМеталург загуби од Монпелје

Металург загуби од Монпелје

metalurg

Металург загуби од Монпелје 24-30 (10-14) во шестото коло од Ц групата во Лигата на шампионите. Металург го доживеа четвртиот пораз, прв во Скопје, во елитното натпреварување. Дуелот го одбележа шутерскиот двобој на Обрадовиќ од едната и Гребиј од другата страна, на крајот двајцата постигнаа по 10 гола.

Металург, без неколку повредени играчи, успеа да му пружи добар отпор на фаворизираниот француски тим, кој сепак не беше доволен да се избегне поразот.

Тимот на Червар добро парираше во првиот дел, беше во егал до 27.минута (10-10), но во последните 180 секунди неорганизирната игра во нападот му овозможи на Монпелје лесни голови, серија од 0-4 и комотна предност за вториот дел (10-14).

Првите пет минути од второто полувреме беа рамноправни, а серијата од три постигнати без примен гол, во периодот од 35. до 39.минута, му ја донесе максималната предност на Монпелје од седум голови (13-20).

По стекнатата макимална предност Французите се опуштија, Металург засили во одбраната и до 50.минута успеа да се доближи на два гола негатива (22-24).

За целосен пресврт младата екипа на Лино Червар немаше сили. Монпелје одговори со три гола за 22-27 во 55.минута, со што и беше решено прашањето на победникот.

Блескаше кај Металург Обрадовиќ, особено во првото полувреме, кој постигна 10 гола, четири постигна Илиќ, а по три Кузмановски и Пешевски.

На овој меч голманите на Металург немаа речиси никаков придонес во играта, Арсиќ имаше само пет одбрани, додека на спротивната страна тандемот Жерар-Портнер искомбинира 14 одбрани.

Монпелје го предводеше францускиот репрезентативец Гребиј со 10 голови, а шест (пет од седмерец) постигна Доленец.

Металург во наредното коло, на 20.ноември, ќе гостува во Норвешка кај Елверум.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП