Една од најстарите спортски манифестации во нашата земја, боксерскиот турнир „Златен Гонг“ годинава по 46-ти пат ќе се одржи во Скопје. Македонија на „Златниот Гонг“ ќе ја претставуваат шестмина боксери.
„Златен Гонг“ претставува едно од најголемите и најстарите натпреварувања во Европа. Благодарение на доајенот на боксерскиот спорт во Македонија, Живко Дуковски, кој е основач на овој турнир, „Златниот Гонг“ е синоним за секое боксерско име од светската боксерска сцена.
Од одржувањето на првиот “Златен Гонг” во 1969 година (во 1988 год. турнирот не се одржа), на неговиот ринг продефилираа најпознатите поранешни југословенски боксери почнувајќи од Мате Парлов, првиот освојувач Звонко Вуин, Маријан Бенеш, па сѐ до легендите на македонскиот бокс – Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Аце Русевски, Вели Мумин, Примислав Димовски и една плејада одлични боксери и освојувачи на „Гонгот“ од светските велесили Куба, Русија, Бугарија, Србија, Италија и други.
„На мое големо задоволство, и годинава „Златниот Гонг“ ќе го потврди нивото и квалитетот. Македонската селекција ќе ја сочинуваат шест боксери, кои ќе се натпреваруваат за еден од трите пехари и тоа, најпрестижниот Златен гонг за најдобар боксер, пехар за најдобар техничар и пехарот за најдобар македонски боксер. Пехари ќе добијат и најдобриот тренер, најдобриот судија и секако трофеј ќе има и за најдобриот странски боксер“, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Годинава учество на престижната боксерска манифестација ќе земат преку 50 натпреварувачи од 12 европски земји.
Традиционално, главен покровител на овој настан е Агенцијата за млади и спорт, која годинава одвои 900.000 денари за организацијата на овој боксерски турнир.