Вечното фудбалско дерби Бразил-Аргентина ќе се одигра во рамките на 11-то коло од јужноамериканските квалификации за пласман на Мундијалот во Русија. Клупските колеги Нејмар и Меси ќе ги предводат своите репрезентации во дербито кое ќе се одигра во Бело Хоризонте.
Аргентинскиот селектор Едгардо Бауза ги запрепасти новинарите кога на прес конференцијата, одржана во пресрет на големото дерби, им го соопшти стартниот состав.
Јасно е дека нападот ќе го предводи Лео Меси, а друштво ќе му прави Гонзало Игуаин. Планот на Бауза е цврста игра на среднината од теренот да продуцира брзи напади на неговиот тим. Во средниот ред ќе играат Маскерано, Лукас Биља и Енцо Перез.
„Планот е да се „тепаме“ со нив на средината од теренот и потоа да развиваме брзи напади, преку Ди Марија на десното крило, кој треба да ја забрза нашата игра. Меси во нападот ќе има целосна слобода да се движи каде што тој сака. Пристигна здрав на подготовките и поради тоа очекувам да одигра добро. Кога станува збор за Игуаин и Кун Агуеро, само ќе кажам дека двајцата се сјајни фудбалери“, рекол Бауза.
Мало изненадување во стартниот тим е левиот бек на Сан Лоренцо, Емануел Мас, кој досега има одиграно само четири натпревари за Аргентина.
„Ние секогаш сме имале фудбалери од светска класа, способни да победат во вакви натпревари. Најголемата борба ќе се води на средината од теренот. Бразил е многу организиаран како тим откако селектор е Тите“, рекол Бауза.
Аргентинскиот селектор дополнил дека нема да определи играч кој ќе го чува Нејмар, туку ќе се обиде со пресинг игра да ги оневозможи додавањата кон најдобриот бразилски напаѓач.
Во пресрет на 11.коло во јужноамериканските квалификации Бразил е лидер со 21 бод, еден повеќе од Уругвај, следуваат Колумбија и Еквадор со по 17, а Аргентина е на делба на петтата позиција заедно со Чиле, овие две репрезентации имаат по 16 бодови.
Дербито Бразил-Аргентина, во Бело Хоризонте ќе започне 45 минути по полноќ.