„Како да игравме пријателски натпревар“, со овие зборови Жозе Мурињо ја опиша играта на Манчестер Јунајтед, кој во четвртокот загуби во Истанбул од Фенербахче 1-2, во рамките на четвртото коло во А групата во Лига Европа.
„Тим кој прима гол по само два минути игра е тим кој покажува ментална неподготвеност, односно не е фокусиран и концентриран. Тие играа како да се работи за финале во Лигата на шампионите, а ние како да се работи за пријателски натпревар во летниот период“, рекол Мурињо.
Манчестер Јунајтед на последните четири натпревари има постигнато само два гола, а на последните две гостувања (Челзи и Фенербахче) прими гол во првите напади, против Челзи по 30 секунди, а против Фенербахче по 65 секунди игра.
„Во ваква атмосфера да му се даде таква предност на противникот… По голот тие играа одлично, вршеа притисок на судијата, вршеа притисок кон судиите, но тоа е наша грешка, тоа ние им го дозволивме“, дополнил Португалецот.
Мурињо како единствено добро од натпреварот во Истанбул го истакнал голот на Вејн Руни.
Португалецот признава дека тимот игра лошо, но барем засега вината не ја бара кај себе, што е и вообичаено за него. Слично правеше и во Челзи, Интер, Реал. Кога тимот победува и игра добро Мурињо е генијалецот кој е заслужен за тоа, кога тимот нема игра и резултати тогаш вината е кај играчите.
„Јунајтед во моментов има два проблема. Тимот се мачи да постигне гол и да победи на натпревар со Дејли Блинд и Маркос Рохо како централни дефанзивци. На секој натпревар со нив им се потребни најмалку три гола. Овој тим за две години ќе биде непрепознатлив. Што и да се случи позитивно за две години тоа ќе биде бонус. Претходните три сезони се покажаа дека со овие играчи Манчестер Јунајтед не може да освои титула“, рекол еден од критичарите на Мурињо и играчка легенда на Јунајтед, Пол Сколс.
Манчестер Јунајтед наредниот викенд во Премиерлигата ќе му гостува на Свонси. На табелата „црвените ѓаволи“ имаат осум бодови помалку од Арсенал, Манчестер Сити и Ливерпул.