24 јуни, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАнгеловски против Шпанија со нови голмани

Ангеловски против Шпанија со нови голмани

angelovski355

Селекторот на фудбалската репрезентација го објави списокот на играчи на кои смета за квалификацискиот натпревар за пласман на Европското првенство против Шпанија во Гранада, што ќе се одигра на 12-ти ноември.

Игор Ангеловски повика 21 фудбалер за натпреварот против Шпанија, а осуммина од нив се членови на младата репрезентација која избори пласман на Европското првенство. Голманот Алексовски, дефанзивците Велковски и Зајков, напаѓачот Маркоски и играчите од редот за врска Бабунски, Барди, Николов и Ѓорѓев кои со однесувањето, формата и игрите во селекцијата до 21 година го заслужија повикот на селекторот.

„Повикот на овие фудбалери не е затоа што јас тоа го ветив, туку едноставно тие тоа го заслужија. Не се во репрезентацијата ниту поради тоа што тоа јавноста го бараше, туку тие со квалитетот сами се наметнаа“, рече Ангеловски.

Списокот на селекторот за дуел со една од најквалитетните светски селекции е спој на младост и искуство.

„Она што на почетокот на нашата работа го поставивме како наша цел, а тоа е да се направи тим кој ќе биде спој на младост и искуство, тој тим да биде конкурентен во квалификациите и против секој противник и да успееме да забележиме подобри резултати од претходните циклуси, мислам дека првите две цели сме на добар пат да ги исполниме, а до крајот на циклусот ќе направиме сé што е во нашите можности и резултатите да бидат подобри, за разлика од оние претходни циклуси“, појасни македонскиот селектор.

Најголеми промени има на голманската позиција, каде за место меѓу диреците конкурираат Алексовски, Димитриевски и Гачевски.

„Одбраните на голманите не ни ја дадоа потребната сигурност и затоа посегнуваме по други решенија“, посочи селекторот и појасни: „Мислам дека Захов за разлика од европските натпревари (настапот на Шкендија во Лига Европа) неговата форма во домашното првенство оди во надолна линија. Прими, според мене, кикс гол во Битола, во Кратово и на крајот со Вардар. Поради тоа решив да не го повикам за овој натпревар. Мислам дека имаше и една лоша интервенција против Албанија, кога го примивме вториот гол. Мартин Богатинов можеби немаше директна вина, но тој не е стандарден во својот клуб. Јас барам голман кој ќе ни внесе сигурност“, објасни Агеловски.

Формацијата 3-5-2 со која Македонија играше во првите три квалификациски дуели, селекторот нема да ја менува, но тој не ја исклучи можноста да има некои освежувања во дефанзивниот дел на тимот.

„Ќе видиме со кој состав ќе настапиме, но дека ќе има освежувања во последниот ред тоа е сигурно“, додаде.

Конкретни прогнози за дуелот во Гранада селекторот не дава, но ја кажа од што би бил задоволен.

„Би бил задоволен доколку одиграме на уште повисоко ниво него на натпреварот со Италија. Сите три натпревари ги одигравме квалитетно, бевме конкурентни, но за жал не успеавме и резултатски добро да поминеме. Знаеме дека Шпанија е фаворит, според мене таа е една од најдобрите четири светски репрезентации. Јас ќе се обидам да го извлечам масимумот од мојот тим“, рече во продолжение Ангеловски.

Репрезентативците првиот собир ќе го имаат на 7.ноември, во Скопје ќе се подогтвуваат два дена, на 10-ти со чартер лет ќе отпатуваат за Шпанија, а дуелот со домаќинот ќе го одиграат на 12-ти во Гранада.

Списокот на Ангеловски за натпреварот со Шпанија:

Голмани: Алексовски (Вардар), Димитриевски (Химнастик, Шпанија), Гачевски (Вардар)

Одбрана: Шиков (Нефчи, Азербејџан), Жута (Ријека, Хрватска), Ристевски (Вашаш, Унгарија), Ристовски (Ријека, Хрватска), Мојсов (АЕК Ларнака, Кипар), Зајков (Шарлроа, Белгија), Велковски (Вардар)

Среден ред: Споровски (Вардар), Ѓорѓев (Грасхоперс, Швајцарија), Алиоски (Лугано, Швајцарија), Хасани (Шкендија), Бабунски (Црвена ѕвезда, Србија), Барди (Ујпешт, Унгарија), Николов (Вардар)

Напад: Пандев (Џенова, Италија), Несторовски (Палермо, Италија), Ибраими (Шкендија), Маркоски (Работнички).

ff33

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП