Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Пабло Симеоне, призна по мечот со Ростов дека во текот на натпреварот носел погрешни одлуки. Атлетико, во вторникот, го победи Ростов 2-1, со голот на Гризман во 94. минута.
Атлетико се мачеше против Ростов, а бункерот на рускиот вицепрвак го проби Гризман во 94. минута од натпреварот. Атлетико ја запиша четвртата победа и на две кола до крајот од фазата по групи обезбеди пласман во осминафиналето.
„Носев погрешни одлуки, но играчите сепак успеаја да го решат овој меч. И покрај победата, јас сум вознемирен поради своите лоши одлуки пред и за време на дуелот“, рекол Симеоне.
„Знаевме дека Ростов ќе биде тежок противник, тие постигнаа гол во единствениот контранапад. Гризман не погаѓаше во претходните дуели, но сега покажа дека секогаш е дел од нашата успешна напаѓачка приказна. Тој ќе биде среќен бидејќи постигна два гола, а сите ние ќе бидеме среќни поради него, бидејќи повторно постигнува голови“, дополнил тренерот на Атлетико.
Инаку, Атлетико во петтото коло во Лигата на шампионите ќе го пречека ПСВ на 23. ноември, додека во наредното коло во Примера ќе му гостува на Реал Сосиедад.