1 јули, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОКлубовите се за вонредно Собрание, МКФ не попушта, кошарката трпи

Клубовите се за вонредно Собрание, МКФ не попушта, кошарката трпи

kosarka

Кошарка во Македонија, кога станува збор за натпреварите во домашното првенство нема да има сигурно уште еден месец, откако двете страни Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и клубовите цврсто стојат на своите ставови, кои мак-баскетот го доведоа во ќорсокак. Наместо викендов да започне првенството, ќе се чека вонредното Собрание кое го најавија клубовите.

Пред пет години, целата нација славеше и се радуваше на четвртото место кое репрезентацијата го освои на Европското првенство во Литванија. Марин Докузовски од клупата и Антиќ, Гечевски, Чековски, Мекејлеб, браќата Стојановски, Илиевски…тогаш беа вистински хит во Европа, а херои во Македонија.

Пет години подоцна земјата која ја сака кошарката се соочи со одложување на домашното првенство. Причините за една од засегнатите страни се банални, а за другата исправни и легитимни.

Несогласувањата започнаа на 7-ти октомври, кога Управниот одбор на МКФ ја донесе одлуката за зголемување на таксите за регистрација на странските кошаркари и кошаркарки, за кои клубовите оценија дека се превисоки.

Клубовите бараат таксите за регистрација на играчите да не се менува, бидејќи финансиски не можат да го издржат тој товар. Покрај тоа, од Здружението на прволигаши од МКФ побараа тие да го избираат комесарот за натпреварување и сами да ја водат Првата лига.

МКФ во меѓувреме реши делумно да ја суспендира одлуката на Управниот одбор донесена на 7-ми октомври, а која се однесуваше на висината на таксите за регистрација на домашните кошаркари и кошаркарки во сите рангови на натпреварување и таа да се остане иста како и во сезоната 2015/2016, додека на сила останува одлуката за висината на таксите за странските играчи во македонската кошарка.

„Со оваа одлука сакаме да дадеме до знаење дека развојот на македонските кошаркари и кошаркарки, останува наш приоритет и за во иднина, а покажуваме и дека не сакаме да создаваме никакви проблеми во нормалното функционирање на клубовите. Со ова сметаме дека целосно се надминати сите пречки за почетокот на домашните првенства во предвидените рокови, а стартот на Првата лига останува да зависи исклучително од прволигашите. И за што не гледаме наша вина за евентуалното неиграње на Првата лига“, стои во соопштението кое е објавено на официјалната страница на МКФ.

Ваквата одлука воопшто не го омекна ставот на клубовите, напротив, тие решија да покренат иницијатива за свикување на вонредно Собрание.

„Ако во рок од 14 дена не свика, тогаш ние сами ќе го организираме. Сметам дека оваа сезона треба да започне по стариот регистрационен правилник, а од наредната сезона заеднички да се договориме и да бидат имплементирани тие промени“, рече претседателот на Здружението на прволигаши, Видоја Секулоски.

Вонредно Собрание може да биде свикано доколку најмалку осум клубови поднесат барање, а дотогаш најмногу ќе трпат клубовите и кошаркарите, со исклучок на оние кои играат на меѓународна сцена (АБА лигата, Еврокупот и БИБЛ лигата).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП