Изминатата ноќ во Јужна Америка се одиграа пет натпревари во рамките на квалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Русија.
На половина од јужноамериканските квалификации лидер на табелата е Уругвај пред Бразил, додека Чиле освојувачот на последните две изданија на Копа Америка е на скромното седмо место.
Еквадор убедливо го порази Чиле со 3-0, со головите на Валенсија, Рамирез и Каиседо. Колумбија минимално славеше во Парагвај 1-0, а единствениот гол во последната минута го постигна Кардона.
Аргентина два пати водеше во Перу, но на крајот освои само еден бод. Фунес Мори и Игуаин погодија за „гаучосите“, а Перуанците два пати израмнуваа преку Гереро и Куева од пенал на шест минути до крајот на натпреварот.
Уругвај до лидерската позиција стигна по победата над Венецуела од 3-0. Луис Суарез не постигна гол но запиша две асистенции. Лодеиро го постигна првиот, а наредните два гола беа дело на Кавани.
Бразил ја запиша најубедливата победа откако славеше против Боливија со 5-0. Петмина играчи ги постигнаа головите за Бразил, серијата ја отвори Нејмар, а потоа голманот на Боливија го совладаа Фелипе Луис, Габриел Жесус и Фирмино.