3 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОКвалификации за СП: Буфон и подари бод на Шпанија (видео)

Квалификации за СП: Буфон и подари бод на Шпанија (видео)

квас

Дербито во квалификациската група Г, за пласман на Светското првенство, помеѓу Италија и Шпанија заврши без победник 1-1. Во оваа група Македонија загуби од Израел 1-2, а Албанија победи во Лихтенштајн 2-0. Квалификации се играа и во групите Д и И, победи забележаа Србија, Република Ирска во Д групата, односно Хрватска и Исланд во групата И.

Арената во Торино, домот на фудбалерите на Јувентус, беше местото каде се судрија европските великани Италија и Шпанија. Шпанците доминираа, но не успеаја да им се реваншираат на Италијаните за елиминацијата во осминафиналето на неодамнешното европско првенство.

Џиџи Буфон, живата голманска легенда на светскиот фудбал, направи грешка каква што не му се случила во кариерата со што им овозможи на Шпанците да поведат со 0-1. Буфон не успеа да исфрли една лесна топка, ја промаши топката, а Витоло лесно ја погоди празната мрежа.

Италија израмни од пенал на осум минути до крајот, откако Серхио Рамос беше невнимателен и го фаулираше Едер во сопствениот шеснаесетник. Де Роси го реализираше пеналот.

Албанија славеше во Лихтенштајн со головите на Џака во 12-та и Балај во 81-та минута. Албанците со две победи се лидери во групата.

Македонија, против Израел, доминираше во текот на целиот меч, но не успеа да освои ниту бод. Хамед и Бен Хаим во првото полувреме ги искористија грешките во македонската одбрана и му донесоа водство на Израел 0-2. Несторовски во 63-та минута намали на 1-2, а Јаховиќ во 94-та минута не успеа да реализира пенал.

Табела, Група Г: Албанија 6, Шпанија 4, Италија 4, Израел 3, Македонија 0, Лихтенштајн 0

Србија, во Д групата, победи во Молдавија со 3-0. Играчот на Саутемптон, Тадиќ, ги предводеше Србите до победата. Тадиќ асистираше за првите два гола кои ги постигнаа Костиќ и Ивановиќ, а потоа се запиша меѓу стрелците за конечни 3-0.

Република Ирска среќно ги освои бодовите против Грузија, со голот кој го постигна десниот бек на Евертон Колман во 55-та минута.

Дербито во оваа група се одигра во Виена, каде Австрија и Велс освоија по бод, играјќи 2-2. Велс два пати водеше најпрвин со голот на Ален, а потоа и со несмасниот автогол на Вимер, а два пати израмнуваше напаѓачот на Стоук Арнаутовиќ.

Табела, Група Д: Велс 4, Србија 4, Ирска 4, Австрија 4, Грузија 0, Молдавија 0

Хрватска во рамките на И групата, во Скадар, го декласира Косово со 6-0. Хет-трик постигна Манџукиќ, кој го прекина 16-месечниот пост во националниот тим.

Турција извлече бод против Украина откако надомести негатива од два гола. Украинците водеа со головите на Јармоленко и Кравец, а за Турција стрелци беа Туфан и Чалханоглу.

Исланд во исклучително драматичен меч ја совлада Финска со 3-2. Исланѓаните до 90-та минута беа во негатива од 1-2, но од 90-та до 96-та минута Финбогасон и Сигурдсон постигнаа голови за триумф на Исланѓаните.

Табела, Група И: Хрватска 4, Исланд 4, Турција 2, Украина 2, Финска 1, Косово 1.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП