27 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСреќна победа на Израел, Јаховиќ промаши пенал за реми (видео)

Среќна победа на Израел, Јаховиќ промаши пенал за реми (видео)

mak-sak

Македонија загуби од Израел 1-2 (0-2) во натпревар од второто коло, во Г групата, во квалификациите за пласман на Светското првенство во Русија. Како ретко кога Македонија доминиаше на теренот создаваше шанси, во последната минута Јаховиќ не реализира пенал и на крајот загуби.

„Кога не ги користиш своите шанси поразот е неминовен“, вели непишаното фудбалско правило, токму тоа го почувствуваа македонските фудбалери на дуелот со Израел.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски доминираа во сите сегменти на играта, константно вршеа притисок кон голот на Гореш, создадоа четири чисти шанси и на кајот Јаховиќ не успеа да реалзиира пенал во 94-та минута.

Израел оријентиран на контранападите, од кои еден заврши со гол.

„Не заслуживме пораз, но тоа се случи. Во фудбалот се памети резултатот, не и играта. Момците одиграа добро“, рече на пресот по натпреварот селекторот Ангеловски.

Прашање е како ќе завршеше мечот доколку Пандев постигна барем еден гол од двете шанси кои ги имаше во само две минути. Во 11-та минута од 18 метри биеше крај голот, а во 13-та минута кога Алиоски испрати центаршут по земја, тој од 7-8 метри упати удар над голот.

Израел имаше шанса во 21-та минута кога Тиби го погоди дирекот.

Шест минути подоцна Несторовски постигна гол, кој беше поништен поради офсајд, бидејќи напаѓачот на Палермо се активираше од недозволена позиција.

Израел поведе во 25-та минута, кога Хамед избегна офсајд стапица и со глава го совлада Богатинов. Израелците предноста ја зголемија во 43-та минута, кога Битон повлече контра, ја искористи лошата поставеност на македонската одбрана, го исфрли сам пред Богатинов Бен Хаим, кој зголеми на 0-2.

Во второто полувреме Македонија одново ја контролираше играта Несторовски по нафрлувањето од Алиоски биеше со глава но Гореш одбрани. Потоа израелскиот голман го одбрани и ударот на Ибраими, а на нафрлувањето од Алиоски по земја за малку задоцни Нестровски.

Напаѓачот на Палермо постигна гол за 1-2 во 63-та минута, кога Спировски упати лош удар, топката дојде до Несторовски кој од 11 метри ја смести топката зад грбот на Гореш.

Иницијативата на Македонија по постигнатиот гол не вроди со плод, се до 93-та минута кога Тиби го повлече Несторовски, а Маринер без размислување покажа на белата точка.

Јаховиќ лошо го изведе пеналот, Гореш го одбрани неговиот удар и на Израел му донесе важна победа.

Селекторот Ангеловски на пресот одговори и на прашањето зошто Јаховиќ ја изведе најстрогата казна.

„Прв избор за изведувач на пенал е Пандев, но тој веќе не беше во игра, втор избор е Несторовски, но никогаш во мојата кариера не сум сакал пенал да изведува фудбалер врз кого е направен прекршокот. Поради тоа решив Јаховиќ да шутира“, рече Ангеловски.

Неговиот колега Елиша Леви многу коректно рече дека неговиот тим имал среќа и победил, а гореш го нарече херој.

„Гореш е искусен голма, има 36 години, тој ни ја обезбеди победата. Противникот создаде многу шанси, но успеавме да издржиме, имавме среќа и на крајот победивме“, рече Леви.

Македонија наредниот меч ќе го одигра в недела, кога во Скопје ќе гостува Италија, а Израел ќе го пречека Лихтенштајн.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП