22 мај, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМилевски: Мечот со Шкотска значаен како и претходните девет

Милевски: Мечот со Шкотска значаен како и претходните девет

миле

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година, Благоја Милевски, го објави списокот на играчи на кои смета за последниот меч од квалификациите за пласман на Европското првенство во Полска. На списокот нема изненадувања, селекторот се реши за оние играчи кои го изнесоа товарот во квалификацискиот циклус и кои со своите игри на Македонија по девет одиграни натпревари и го донесоа првото место во Групата 3.

Младите македонски фудбалери се наоѓаат пред историски успех, пласман на Европското првенство, кое наредната година ќе се одржи во Полска. Избраниците на селекторот Милевски, на коло до крајот на квалификацискиот циклус се лидери во својата група со 18 бодови, еден повеќе од Франција и три од Исланд кој има и натпревар помалку.

Македонските фудбалски надежи, во првото соочување со Шкотите ппред неполн месец, славеа со 1-0.

„Не би го издвоил овој натпревар како најважен во овие квалификации, бидејќи важноста на овој меч доаѓа како резултат на претходно одиграните девет натпревари. Доколку не бевме на вистинско ниво и доколку претходните мелеви не ги одигравме на начин на кој ги одигравме, тогаш овој натпревар ќе немаше никаква важност. Затоа за мене сите десет натпревари се со подеднаква важност. Сами сме ‘виновни’ што се најдовме во ситуација да бидеме лидери во нашата група и со самото тоа овој натпревар со Шкотска, како последен за нас во групата да добие на значање. Сигурен сум дека и на овој меч момците ќе бидат на нивото на кое играа во квалификациите, дека ќе го дадат својот максимум да дојдеме до резултатот кој сите го посакуваме, а то е победа“, рече на прес-конференцијата по повод објавувањето на списокот за натпреварот со Шкотска, селекторот Милевски.

Шкотскиот селектор, во однос на првиот натпревар помеѓу двете селекции, направи неколку измени, односно повика дури седуммина фудбалери кои се играчи на репрезентацијата до 19 години на оваа земја.

„Не се согласувам со фактот дека драстично е подмладен, тие имаат во составот петмина играчи кои играа на натпреварот против нас во Шкотска. Имаат нови седум играчи од репрезентацијата до 19 години, кои настапија на „Елит раунд“, односно квалификациите за пласман на ЕП за играчи до 19 години. Тие седуммина се играчи на Челзи, Њукасл, двајца на Рединг, Селтик, Ренџерс. Според мене имаат поквалитетен тим сега него што тоа беше за нашиот прв меч со нив. Поради тоа сметам дека ќе бидеме во голема заблуда доколку мислиме дека однапред сме го добиле натпреварот. Очекувам уште потежок меч од оној во Шкотска.“

Милевски за дуелот со Шкотска повика 22-ца фудбалери, двајца се дебитанти Попзлатанов од Пелистер и Селмани од Ренова, а не е загрижен што неколкумина фудбалери не се стандардни во своите тимови.

„Бабунски и Аврамовски подолго време не се во составот на својот тим, но тоа не пречи тие да бидат на нивото кое јас го барам од нив и не се само тие, има и други играчи кои на почетокот на квалификациите беа стандардни во своите клубови, па во текот на квалификациите го загубија местото во тимот. Но тоа е клупска политика и јас немам право ниту сакам да се мешам. Сé додека тие го даваат она што јас го барам од нив ќе бидат повикувани и ќе играат во репрезентацијата. Кога станува збор за Бетулаи и Демири тие со својот однос и игрите во репрезентацијата, па и во својот клуб, покажаа дека имаат квалитет, ситуацијата во која се наоѓаат е клупска политика и ќе повторам тука не сакам да се мешам“, рече Милевски.

Од повиканите фудбалери проблем со повредата има само Енис Барди. Тој се повредил на последниот натпревар на својот тим Ујпешт. По мечот побарал лекарска помош и било константирано дека има руптура на мускулните влакна на квадрицепсот.

„Енис Барди е под интензивна терапија и внимателно ќе се следи неговата состојба, се надевам дека ќе биде способен да игра против Шкотска“, изјави Милевски.

Младите репрезентативци првиот собир ќе го имаат на 3-ти октомври, до мечот со Шкотска (11-ти октомври) ќе се подготвуваат во Скопје.

Список на У 21 репрезентацијата за мечот со Шкотска:

Голмани: Алексовски (Вардар), Шишковски (Работнички)Одбрана: Зајков (Шарлероа, Белгија), Велковски (Вардар), Муслиу (Ренова), Амановиќ (Јавор, Србија), Мурати (Шкендија, Тошевски (Пелистер), Бејтулаи (Шкендија), Демири (Шкендија)

Среден ред: Николов (Вардар), Барди (Ујпешт, Унгарија), Бабунски (Црвена ѕвезда, Србија), Филиповски (Силекс), Аврамовски (Црвена ѕвезда, Србија), Костадинов (Злате Моравце, Словачка)

Напад: Радески (Шкендија), Ангелов (Ујпешт, Унгарија), Маркоски (Работнички), Петковски (Вардар), Селмани (Ренова), Попзлатанов (Пелистер).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП