Игор Ангеловски го соопшти списокот на играчи за квалификациските натпревари кои Македонија, во октомври, ќе ги одигра против Израел и Италија. Македонскиот селектор се определи за фудбалерите кои играа во Албанија, а во националниот тим ги повика голманот Богатинов, односно фудбалерите Трајчевски и Јаховиќ.
Два натпревари Македонија ќе одигра во октомври, во рамките на квалификациите за пласман на Светското првенство. На 6-ти наредниот месец, во Скопје, најпрвин ќе гостува Израел, а три дена подоцна Италија.
Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, за овие две средби повика 19 фудбалери. Тој се орпедели за играчите кои играа на првиот меч од овие квалификации, во Албанија, а во тимот ги врати голманот Богатинов, односно фудбалерите Трајчевски и Јаховиќ.
„Повиканите фудбалери се речиси истите од воведниот квалификациски натпревар против Албанија. На голманската позиција повикан е Мартин Богатинов, голман со големо интернационално искуство и сигурно дека ќе придонесе за тимот. Ги повикавме Душко Трајчевски и Адис Јаховиќ за да имаме фудбалери од сите профили и да ја зголемиме конкуренцијата“, рече Ангеловски.
Првиот собир македонските фудбалери ќе го имаат в понеделник на 3.октомври.
Список на играчи за мечевите со Израел и Италија:
Голмани: Захов (Шкендија); Богатинов (Етникос Атна, Кипар)
Одбрана: Шиков (Нефчи, Азербејџан), Жута и Ристовски (Ријека, Хрватска), Ристески (Вашаш, Унгарија), Мојсов (АЕК Ларнака, Кипар)
Среден ред: Спировски (Вардар), Петровиќ (Осијек, Хрватска), Стјепановиќ (Сласк Вроцлав, Полска), Ѓорѓиев (Грасхоперс, Швајцарија), Хасани (Шкендија), Алијоски (Лугано, Швајцарија), Душко Трајчевски (Работнички)
Напад: Пандев (Џенова), Бесарт Ибраими (Шкендија), Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Несторовски (Палермо, Италија), Јаховиќ (Гезтепеспор, Турција).