Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, в петок, ќе ја започнат сезоната во регионалната АБА лига. МЗТ, во првото коло, ќе гостува кај актуелниот шампион во ова натпреварување Црвена ѕвезда.
Со целосно нов тим, нов тренер и големи амбиции, македонскиот шампион МЗТ влегува во сезоната 2016/2017, во која покрај во домашното првенство и АБА лигата ќе се натпреварува и во Еврокупот.
„Нe очекува долга и напорна сезона, во која се надевам дека ќе бидеме достојни на нивото кое го имаат натпреварувањата како Еврокупот и АБА-лигата во кои настапуваме. Пред нас е пеколно тежок октомвриски распоред во кој се надевам дека ќе извојуваме што е можно повеќе победи. Слушаме за комплиментите кои на наша адреса доаѓаат од противниците, но квалитетот на тимот се гледа на теренот. Ќе работиме напорно и очекуваме формата да се крева од меч во меч, со тоа што најдоброто од овој тим го очекувам во вториот дел од сезоната. Имаме тим од играчи кои првпат играат заедно и дефинитивно ќе треба да помине малку време за сѐ да се вклопи како што треба“, вели тренерот Емил Рајковиќ.
По натпреварот со Црвена ѕвезда (петок, 19 часот), МЗТ веќе во вторник го очекува мечот со Партизан, а потоа за тимот на Рајковиќ следуваат мечевите со Цедевита во Загреб (6.октомври), Цибона во Скопје (9.октомври), а на 12.октомври во премиерата, во Еврокупот „металците“ ќе гостуваат во Литванија кај Лиеткабелис.