
Репрезентацијата на Аргентина води со 1-0 против Велика Британија во полуфиналето на Девис купот. Првиот поен на Аргентинците им го донесе Хуан Мартин Дел Потро, кој во пет сета го победи Енди Мари.


Репрезентацијата на Аргентина води со 1-0 против Велика Британија во полуфиналето на Девис купот. Првиот поен на Аргентинците им го донесе Хуан Мартин Дел Потро, кој во пет сета го победи Енди Мари.
Дел Потро и Мари, во Глазгов одиграа вистински маратон, кој по пет часа и 10 минути му припаднa на Аргентинецот со 6-4, 5-7, 6-7, 6-3, 6-4. Со овој триумф Дел Потро успеа да му се реваншира на Мари за поразот во четири сета, во финалето на Олимписките игри.
„Ова е одлично за нас. Уживав во овој меч. Публиката беше одлична и благодарам што нѐ почитуваше двајцата. Победив, но и понатаму се сеќавам на финалето на ОИ. Важна победа за тимот, имаме желба да се пласираме во финалето. Кога играте против Енди не знаете како ќе се заврши мечот. Тој е опасен играч, голем борец и шампион. Во завршницата одиграв неколку добри форхенди и добро сервирав, тоа беше пресудно“, изјавил по мечот Дел Потро.
Во вториот меч ќе играат Кајл Едмунд и Гвидо Пеља, во сабота е мечот во двојки, а преостанатите сингл мечеви се играат в недела.
Во другото полуфинале резултатот помеѓу Хрватска и Франција е 1-1. Ришар Гаске најпрвин го победи Борна Чориќ со 3-0, а потоа израмни Марин Чилиќ со победата во четири сета над Лука Пуи.