Великаните на европскиот фудбал Манчестер Јунајтед и Интер со порази стартуваа во новата сезона, во Лига Европа. Јунајтед загуби во Ротердам од Феенорд, додека Интер со домашниот пораз од Хапоен Бер Шева само ја продлабочи кризата. Најдобриот меч во првата рунда го одиграа Макаби и Зенит, славеа гостите (3-4) иако во еден момент имаа негатива од три гола.
Израелскиот Хапоел Бер Шева, во четвртокот, ја забелжа најголемата победа во својата историја. Израелците на еден од кулните европски стадиони „Џузепе Меаца“, го совладаа Интер со 2-0.
Голови во првиот дел немаше, а во вториот Мигел Витор го постигна првиот, а Маор Бар Бузагло вториот гол. Овој пораз многу веројатно ќе значи и крај за тренерот Де Бур на клупата на Интер.
Манчестер Јунајтед е првиот фаворит за освојување на титулата во ова натпреварување, но новата сезона избраниците на Жозе Мурињо ја започнаа со пораз. Португалецот во Ротердам настапи со респектибилен тим, но неговите играчи делуваа анемично и на крајот заслужено загубија. Вилхена го постигна единствениот гол во 79.минута.
Мечот на колото, а веројатно и мечот на сезоната го одиграа Макаби и Зенит. Во Тел Авив, Макаби до 77 минута имаше предност од 3-0, но победата ја однесе Зенит.
Медуњанин постигна два гола, а Кјартансон еден за убедлива предност на Макаби, пресвертот на Зенит го најави Кокорин во 77.минута, седум минути подоцна Мак намали на 3-2, Џулијано во 86-та израмни на 3-3, а победата на рускиот тим му ја донесе Ѓорѓевиќ во 92.минута.
Група А: Феенорд-Манчестер Јунајтед 1:0, Зарја-Фенербахче 1:1
Група Б: Јанг Бојс-Олимпијакос 0:1, АПОЕЛ-Астана 2:1
Група Ц: Мајнц-Сент Етиен 1:1, Андерлехт-Габала 3:1
Група Д: АЗ Алкмар-Дандлак 1:1, Макаби-Зенит 3:4
Група Е: Викторија Плзењ-Рома 1:1, Астра-Австрија Виена 2:3
Група Ф: Рапид Виена-Генк 3:2, Сасуоло-Атлетик Билбао 3:0
Група Г: Стандард-Селта 1:1, Панатинаикос-Ајакс 1:2
Група Х: Коњаспор-Шахтјор 0:1, Брага-Гент 1:1
Група И: Салцбург-Краснодар 0:1, Ница-Шалке 0:1
Група Ј: Карабаг-Либерец 2:2, ПАОК-Фиорентина 0:0
Група К: Интер-Хапоел 0:2, Саутемптон-Спарта Прага 3:0
Група Л: Османлиспор-Стеауа 2:0, Виљареал-Цирих 2:1.