Фудбалерите на Реал Мадрид со победа ја започнаа одбраната на титулата во Лигата на шампионите. Реал во последните шест минути од мечот го скрши отпорот на Спортинг. Во деби сезоната во елитното натпреварување, со триумф стартуваше Лестер, кој славеше во Бриж. Тотенхем загуби на домашен терен од Монако, додека Борусија Дортмунд ја декласира Легија во Варшава.
Актуелниот европски првак, Реал Мадрид, не блескаше, но во финишот спречи сензација против Спортинг Лисабон. Португалскиот тим водеше на „Сантијаго Бернабеу“ од 47 минута со голот на Бруно Цесар.
Пресвртот го најави Роналдо со гол од слободен удар во 89.минута, а победата на „кралскиот клуб“ му ја обезбеди Мората кој постигна гол со глава во 95.минута.
Во оваа Ф група, Легија ја пречека Борусија Дортмунд и доживеа дебакл. Германскиот вицепрвак победи со 6-0. Стрелец на еден од головите беше Марио Геце, што е негов прв гол на официјален меч откако се врати во клубот.
Во Ф групата Монако славеше во Лондон кај Тотенхем. Тимот од кнежевството имаше два гола предност кога Љорис го совладаа Бернардо Силва и Лемар, а во финишот на првиот дел конечните 1-2 ги постави Алдервеирелд.
Баер во Леверкузен против ЦСКА водеше 2-0 (Мехмеди и Чалханоглу), но руските преку Дзагоев во 36-та и Еременко во 38-та минута освоија бод.
Дебитантот Лестер со убедливи 3-0 ја отвори сезоната во ЛШ. Лестер во Бриж славеше со головите на Олбрајтон во петтата и Марез во 29-та и 61-та минута.
Копенхаген успеа непоразен да го напушти Порто, иако домаќините од 12-та минута водеа со голот на Отавио. Израмни Корнелуис во 52-та минута.
Јувентус, првиот фаворит во Х групата, доминираше против Севилја, но неговите играчи ниту еднаш не успеаја да го совладаат одличниот Серхио Рико. Мечот во Торино заврши без голови. Во вториот меч Лион лесно со 3-0 славеше над Динамо Загреб.
Манчестер Сити во одложениот меч од вторникот победи со 4-0 против Борусија Менхенгладбах. Првите три гола ги постигна Серхио Агуеро, а конечниот резултат го постави Ихеначо.